Кош за игра и веднаш до него куп од ѓубре. Преполни контејнери и неподнослива миризба. Игралиште кое е наменето за детска игра денес е претворено во мала депонија. Слика со која жители од Ченто се борат околу еден месец. Револтирани зборуваа пред камерата на Телма. Во 21 век немаат основни услови за живот. Неколку пати се обратиле и до комуналец, но залудно. Тврдат дека кога ќе дојдат камионите од службите половично ја завршуваат работата. Велат ниту е хигиената на соодветно ниво, ниту можат да излезат на улицата , ниту прозори да отворат.
Но, ова не е слика во само една општина, камерата на Телма ја забележа истата ситуација и во други места низ градот – преполни контејнери и кабаст отпад расфрлан околу нив. Стар мебел, душеци, апарати и најразличен отпад со денови стои по улиците и на зелените површини како декор на градските населби.
Од Комуналец за Телма велат дека свесни се за состојбата се обидуваат да ја завршат работата со она со што располагаат. А за кабастиот отпад од претпријатието велат дека тие не се надлежни и дека го собираат понекогаш на своја добра воља, и дека тоа е работа на самите општини. Тие располагаат со опрема која може да го исчисти кабастиот отпад.
Градоначалникот на Скопје пак уверува дека околу 3000 контејнери ќе стигнат во септември но и нови камиони за отпад. Во однос на кабастиот отпад пак тврди дека се бараат локации за складирање на кабаст отпад.
И додека да дојде потребните работи и да се најдат локациите за да се расчисти сметот на граѓаните им останува да се стрпат и да се надеваат дека ќе имаат почиста околина.
Проблемот со ѓубрето е присутен веќе извесен период. Неколку пати се најави дека ќе се реши, но граѓаните и натаму револтирано зборуваат за преполни контејнери и лоша миризба која не се опишува.
Ирена Чачкова













