Младите од Македонија се оптимисти за својата иднина, но таа иднина не ја гледаат во земјава. Најмногу бегаат за повисок животен стандард, поголеми плати и подобри можности за вработување, а во земјава ги нервира корупцијата и клиентелизмот.
Студијата за млади на Фондацијата Фридрих Еберт од 2024 година покажува дека дури 68 отсто од младите на возраст од 14 до 29 години имаат желба да се иселат од земјава, а околу 40 отсто изразиле силна желба за иселување. Истражувањето е правено истовремено во 12 земји од Југоисточна Европа, а најголема желба за иселување е забележана токму од Македонија.
- „Интересно е што посочуваат два вида на пуш фактори или тие што ги оттурнуваат надвор од нашиот контекст. Прво, тоа се економските фактори. Младите се во потрага по подобар животен стандард, повисока плата, подобри можности за вработување, но интересно е што како негативни општествени фактори, тие ги посочуваат корупцијата, клиентелизмот и ниската доверба во институциите. Ние имавме две прашања каде што ги прашуваме како ја гледаат проекцијата за личната иднина во следните 10 години и како ја гледаат иднината на земјата во следните 10 години, и интересен податок беше што резултатите беа сосема различни, односно одат во екстреми. Својата лична иднина младите ја гледаат многу позитивно и оптимистички, но иднината на Македонија ја гледаат песимистички, негативно“, вели професор Марија Топузовска Латковиќ од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања Скопје.
Истражувањето покажува дека и покрај желбата за иселување, околу 40 отсто од младите не презеле ништо за да си заминат. Она што го бараат е фер шанса за напредок.
- „Ако сакаме да ги задржиме младите во земјата потребно е да им обезбедиме чувство дека имаме праведно и правично општество, каде што сите млади ќе имаат подеднакви и фер шанси да се вработат, да напредуваат во кариерата, тука да сакаат да ја изградат својата кариера, да создадат дом и да формираат свое семејство со што ќе имаме и перспективна и квалитетна иднина и за нивните деца“, вели Марија Топузовска Латковиќ.
Пописот од 2021 година покажа дека за две децении бројот на млади во земјава се намалил од 480 илјади во 2002 на 326 илјади во 2021 година.
Министерката за образование Весна Јаневска неодамна изјави дека во септември се очекуваат околу 3000 првачиња помалку од претходната година, што е добра илустрација за обемот на иселувањето.
Срѓан Стојанчов
Б.С.













