Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагираат поради онлајн заканите и повиците за физичко насилство кон новинарот и колумнист Ерол Ризаов. Од институциите и новинарското здружение бараат надлежните органи да го проверат случајот и да преземат соодветни мерки.
АВМУ предупредува дека заканите за физичко насилство, повиците за повредување или одземање живот, како и говорот на омраза, не се дел од легитимната јавна дебата и не смеат да се нормализираат.
Агенцијата нагласува дека новинарите мора да можат слободно и без притисоци да ја извршуваат својата професионална работа.
ЗНМ соопшти дека упатило итно барање до МВР за детална проверка на случајот, особено поради експлицитните повици за физичко елиминирање и смрт.
Заканите следуваат по објавувањето на колумна на Ризаов во која тој го критикуваше говорот на премиерот Христијан Мицкоски за време на одбележувањето на Илинден во Пелинце.













