Утре во Скопје ќе се водат нови разговори помеѓу превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, додека очекуваат Европската комисија наскоро да закаже состанок за проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген зоната.
Во интервју за Бизнис.рс, претседателот на Здружението за меѓународен транспорт на Србија, Неѓо Мандиќ вели дека преодното решение што го предлагаат е 90-те дена престој во Шенген да се сметаат во часови, а не во календарски денови, со нов почеток на пресметката од денот на воведувањето на таков систем.
Според правилата, денот на влез се смета како прв ден на престој, додека денот на излез се смета како последен. Како што објаснува Мандиќ, професионалните возачи честопати губат цел ден од својот престој поради чекање на границите, иако остануваат на Шенгенската територија само неколку часа. Превозниците го анализирале реалното време што возачите го поминуваат на Шенгенската територија и утврдиле дека нивниот престој е значително пократок од 90-те дена дозволени според правилото „90 дена за 180 дена“.
–Кога ги пресметавме повторно часовите што ги поминуваат, откривме дека нашите возачи имаат помеѓу 65 и малку повеќе од 80 дена вистински престој, и сите тие надминале 90 до 120 дена според евиденцијата и сите тие се во прекршок. Во суштина, сепак, тие не поминале повеќе од 60, 70 или 80 дена на Шенгенската територија, вели Мандиќ.
Како конечно решение, превозниците бараат професионалните возачи целосно да бидат ослободени од ограничувањето за престој или дозволениот период да се зголеми на 130 дена. Како трета можност, Мандиќ го споменува воведувањето долгорочни професионални визи, кои, во согласност со визната стратегија, би се добивале електронски, без да се оди во амбасада. Според него, ова трајно би го решило проблемот со престојот во Шенген.












