Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Владата одобри уште едно задолжување, Државни патишта од две домашни банки ќе земат 40 милион евра кредит

/

Економија

Сподели преку :

Владата даде зелено светло за ново задолжување на Државни патишта. Претпријатието овој пат ќе подигне кредит од 40 милиони евра.  Средствата ќе ги стокми преку Комерцијална и Халк банка.  За ова Владаа на седница на 4 август издаде државна гаранција и со тоа му одобри на ЈПДП повторно да се задолжи на домашен пазар.

За разлика од претходно, овој пат не е јасно прецизирано за што точно е задолжувањето. Во одлуката пишува само –  финансирање на преземени одлуки и рефинансирање на долгови.

На почетокот од јуни  беше одобрено ЈПДП да се задолжи за 140 милиони евра за финансирање на Коридорот 8 , но и за Коридорот 10 Д, односно за патот од Прилеп до Битола.

Беше одобрено и задолжување за сума од нешто над 176 милиони евра исто така од домашните банки. И за ова задолжување стои дека е за финансирање на автопатот Кичево –  Охрид кој се гради повеќе од една деценија.

Од ова може да се види дека за краток период Јавното претпријатие за државни патишта на домашен терен се задолжуваат за над 356 милиони евра, за кој државата издала гаранција до банките.

Но, тука не завршува приказната  за финансиите за ЈПДП. Пред извесно време се земаа и позајмици од М- НАВ, МЕПСО и од Државна лотарија за да може да се отплаќа кредитот на ЈПДП земен од кинеската ЕКСИМ банка за автопатите.

Интересно е што Државни патишта важи за едно од добростоечките претпријатија. Во последниот извештај за работа на нивната страница пишува дека во 2024 година оствариле над 200 милиони евра приходи. За 2025 извештајот се уште го нема, а вообичаено се објавуваат до крајот на јуни.

Исто така, во последниот квартал лани во извештаите на Министерството за финансии стои дека ЈПДП оствариле и добивка од над 27 милиони евра.

Ирена Чачкова

Б.С.