Според најновиот преглед на Македонскиот информациски систем за шумски пожари, речиси целата територија на земјава, со исклучок на повисоките делови на Шара, е со висок метеоролошки индекс за опасност од пожари, инфомираат од ЦУК.
– Иако во моментов нема подрачја со многу висок индекс, постои ризик од појава на пожари на отворен простор и шумски пожари со висок интензитет.
Според Центарот за управување со кризи, до 13 часот денеска се регистрирани седум пожари на отворен простор. Три се активни, два се под контрола, а два се изгаснати.
Активни се пожарите кај село Лакавица во Штипско, кај местото Видуш во близина на Македонски Брод, како и на воениот полигон Криволак во Неготино, каде гори ниска вегетација.
Под контрола се пожарите на депониите кај Крива Паланка и Делчево.
Изгаснати се пожарите на патот пред РЕК Битола, во општина Новаци, и кај местото Кулата во Велес.
Е.М.













