ДУИ обвинува дека речиси една година записниците од седниците на Владата на Северна Македонија не се објавуваат на албански јазик на официјалната веб-страница на Владата.
Од партијата тврдат дека последниот записник објавен на албански јазик е од седницата одржана на 19 септември 2025 година. Оттогаш, според ДУИ, се одржани 83 седници, но записниците од нив сè уште не се достапни на албански јазик.
„Станува збор за официјална документација на највисокиот орган на извршната власт и за период од 11 месеци. Толкав број необјавени документи бара целосно објаснување за начинот на кој во самата Влада се спроведува Законот за употреба на јазиците“, наведуваат од ДУИ.
ДУИ бара Владата јавно да ги објасни причините за необјавувањето на записниците, да утврди одговорност и веднаш да ја објави целата документација што недостасува на албански јазик.
Од партијата повикуваат и Инспекторатот за употреба на јазиците да постапи и да утврди дали има прекршување на законските одредби и услови за одговорност.
„Законот за употреба на јазиците предвидува и санкции за непочитување на неговите одредби. Надлежните институции треба да утврдат дали во овој случај постојат услови за одговорност и да постапат согласно со законот“, се наведува во реакцијата.
ДУИ ја обвинува и коалицијата „Вреди“ дека дозволила, како што велат, оваа состојба да продолжи 11 месеци без да биде исправена.













