Регулаторната комисија за енергетика под раководство на Ацо Ристов започна медиумска кампања за наводно проширување на евтината тарифа, додека зад рекламата за “четири евтини часа“ се подготвува целосно прекројување на тарифниот систем. На маса се ревизија на блоковите, различни летни и зимски правила, евтина струја во сабота и префрлање на потрошувачката во периодот од 11 до 15 часот, кога фотоволтаиците создаваат вишоци. Ристов истовремено признава дека вечерната електрична енергија станала поскапа и дека сегашната ‘филозофија на трошење’ ќе се менува. Тоа директно ја отвора опасноста дневната поволност да се плати со скратување на ноќните евтини часови, поместување на границите на блоковите или повисока цена токму во периодот кога семејствата реално трошат најмногу, соопшти Левица.
Според партијата владејачкото мнозинство на ДПМНЕ, во регулаторната фотелја постави поранешен градоначалник од нивните редови и бизнис-партнер на Мицкоски во енергетскиот сектор, а сега од јавноста бара слепо да верува во неговите затворени пресметки. Независност не се докажува со изјава по именувањето. Таа се докажува преку целосно отворени податоци, јавни контакти, пријавени интереси и одлуки што секој граѓанин може да ги провери. Кај Ристов засега гледаме спротивна слика – партиската биографија е позната, деловното минато му е познато, компаниите се вклучуваат во подготовката на моделот, а математиката што ќе ја одреди сметката на народот останува скриена.
- Ристов веќе најави дека во процесот ќе бидат вклучени производителите, операторите, институциите и другите учесници на енергетскиот пазар. Компаниите ќе добијат и период за техничко приспособување на системите, додека граѓаните засега добиваат уверување дека наводно навреме ќе бидат информирани. Енергетските друштва разговараат за сопствените трошоци, вишоци и деловни проблеми уште во фазата на подготовка, а оние што ќе ја плаќаат сметката треба да го чекаат готовиот модел. Таквиот процес ја претвора РКЕ од заштитник на потрошувачите во затворена преговарачка маса меѓу регулаторот и субјектите чии приходи истиот регулатор ги одобрува, соопшти Левица.
Левица бара РКЕ веднаш да ја отвори целата тарифна математика.
Левица бара и јавен регистар на сите средби на претседателот и членовите на РКЕ со ЕСМ, ЕВН, МЕПСО, МЕМО, трговците, производителите и нивните здруженија. Во регистарот треба да стојат датумот, учесниците, темата, доставените барања и документите што биле разгледувани. Ристов и останатите членови мора да ги објават своите сегашни и претходни деловни интереси, сопственички врски и потенцијални судири на интереси. Секој глас за новата тарифа треба да биде поединечно запишан и образложен, со име и презиме.













