Македонија не е најслаба, туку е подобра од неколку земји во ЕУ и пред сите земји од регионот според куповната моќ – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски одговорajќи на новинарско прашање за последните обвинувања на опозицијата поврзани со најновиот извештај на Евростат.
„Што се однесува до прашањето за извештајот на Евростат за куповната моќ, изминативе денови имаше одредени пораки од опозицијата и од некои медиуми коишто имаат исто мислење со опозицијата. Се водеше плитка кампања, која повторно беше демантирана, и повторно, претпоставувам, опозицијата и дел од медиумите ќе жалат и ќе бидат разочарани затоа што Македонија не е најслаба, туку е подобра од неколку земји од Европската Унија и, би рекол, пред сите земји од регионот кога станува збор за куповната моќ на граѓаните”, додаде Мицкоски.
Според Мицкоски, имало разлика во бројките спредено со пред три-четири години но тоа не е доволно.
„Ако тоа се спореди со бројките од пред три-четири години, ќе може да се забележи значаен напредок. Дали е тоа доволно? Не е. Дали ќе работиме за уште повеќе и уште подобро? Апсолутно – мотивирани сме како никогаш. Тие ќе продолжат да креираат хистерија врз основа на конструкции и лаги, а ние ќе ги засукаме ракавите, како што тоа го правевме и овие 25 месеци, и ќе продолжиме посветено да работиме за земјата и за граѓаните”, рече Мицкоски.













