Откако Македонија ги загуби парите од ИПА фондовите со кои требаше да се гради последната, трета фаза од пругата кон Бугарија, сега владата за таа намена ќе користи грант и кредит од Европската Унија. Пробиениот рок за почеток на изградбата беше причина повеќе да не се достапни претходно планираните 60 милиони евра од ИПА фондовите.
Денеска Владата склучи договор за 149 милиони евра грант од ЕУ и 175 милиони евра кредити од Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
–Со поддршка на нашите партнери, вклучително и ЕИБ и ЕУ, овој проект ќе ја приближи земјата до нејзините соседи и до Европа, ќе го направи патувањето полесно, а со тоа и можностите, рече директорот на ЕБОР за Македонија Фатих Туркменоглу.
Последната етапа од пругата кон Бугарија е сложен инфраструктурен проект бидејќи станува збор за должина од 22 километри каде ќе има вкупно 21 тунел и дури 52 мостови и вијадукти.
За третата фаза од железницата, од Крива Паланка до границата со Бугарија, во тек е проверка на понудите од фирмите за надзор, а повикот за избор на изведувач треба да се објави месецов, со што се очекува изградбата да почне до крајот на годинава.
Последен камен на сопнување беше тунелот на границата, долг 3 километри, за кој Македонија и Бугарија веќе се договориле да изготват заеднички проект, кој според некои груби пресметки би чинел околу 70 милиони евра.
-Успеавме да постигнеме договор со Бугарија за изградба на прекуграничниот железнички тунел. Очекуваме на крајот од месецот втор меѓувладин состанок во Скопје, по кој двете држави ќе испратат заедничко барање до ЕУ, ЕИБ и до ЕБОР за обезбедување грант за изградба на тунелот – рече министерот за транспшорт и врски Александар Николоски.
Од опозициската СДСМ критикуваат дека власта се фали со туѓа работа, а единствено успеале да изгубат 60 милиони евра.
–Бидејќи две години не знаат што со себе Македонија изгуби 60 милиони евра од европските ИПА фондови кои се дел од финансиската конструкција. Сега Мицкоски ги вади останатите пари и ги претставуваат како своја „нова инвестиција, велат од СДСМ.
Пругата кон Бугарија е повеќедецениски проект, а првиот воз кон Бугарија требаше да тргне уште одамна. Пругата почна да се гради уште во средината на 90-тите години, но потоа престана. Една деценија подоцна одново почна да се гради но со многу слаб интензитет. Конечно, од минатата година во функција е првиот дел од Куманово до Бељаковце, а вториот дел од Бељаковце до Крива
Паланка сè уште се гради. Оваа шинска линија е дел од Коридорот 8, со кој што се предвидува целосно железничко поврзување на земјава од исток кон запад.
Мирјана Јовеска













