Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Училниците се празнат – трендот на намалување на бројот на првачиња во септември ќе достигне рекорд

/

Македонија

Сподели преку :

Драстично намалување на бројот на првачиња во претстојната учебна година најави министерката за образование и наука Весна Јаневска.

–Жал ми е што морам да кажам, но тоа е факт, тоа и статистика го има објавено, еве сега најновите податоци ги кажувам, бројка околу 4900 првачиња помалку од лани оваа година. Колку и да се запишат, уште две илјади да се запишат, ќе бидеме со најмалку 3000 првачиња помалку. Тој тренд е очекуван и следната година што е поразително за оваа земја, вели Јаневска.

Статистиката покажува дека бројот на првачиња се намалува секоја година и во изминатите седум години е намален за 4200 деца. Во учебната 2018/2019 биле запишани над 22100 првачиња, а минатата 2025/2026 година се запишале 17921, што е намалување од 19 отсто. Ако се обистинат најавите на министерката Јаневска, во септември бројот на првачиња ќе се намали на под 15 илјади, што ќе биде рекорден пад во една година.

Според податоците на Државниот завод за статистика, неславен рекордер е Општина Ново Село, каде што бројот на првачиња за седум години се намалил за 3,5 пати, од 61 во 2018 на 17 во 2025 година, што е пад од 72 проценти, во Пласница има скоро три пати помалку првачиња, односно пад од над 63 отсто. По нив следуваат Дојран, Новаци и Конче, каде што намалувањето е меѓу 51 и 58 отсто. Бројот на првачиња за седум години е преполовен во Берово, Центар Жупа, Зрновци и Кривогаштани, а во Маврово Ростуше намалувањето е 42 отсто.

Од големите градови, во апсолутни бројки, во Скопје за седум години бројот на првачиња е намален за 726, во Куманово за 283, во Прилеп за 184, во Битола за 162 и во Тетово за 155 првачиња. Ако се погледне процентуално, тогаш рекордер од поголемите градови е Велес, каде што бројот на првачиња е намален за 26,7 отсто, во Прилеп намалувањето е над 24 отсто, во Куманово над 23 отсто, а во Гостивар и во Битола е над 19 проценти.

На прсти се бројат општините во кои има зголемување на бројот на првачиња во изминатите седум години. Во Пехчево бројот на деца кои тргнуваат на училиште се зголемил од 19 на 25, Зелениково од 29 на 35, Богданци од 67 на 73 и во скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров од 820 на 828 деца, односно од 409 на 411 првачиња.

Опозициската ЛДП реагира дека изјавата на министерката Јаневска за намалување на бројот на првачиња е најтешката оценка за политиките на Владата и оти демографскиот пад е директна последица на погрешните политики.

За ЛДП ова е аларм дека Македонија забрзано се празни и порачуваат дека е потребна итна национална стратегија за демографска обнова и конкретни мерки за создавање услови за граѓаните да останат во земјава.

Срѓан Стојанчов

Jumbo 2