Пациентите со рак на дојка и на дебелото црево изминатиот период останаа без дел од неопходните лекови. Проблемот сега е надминат, а терапијата што доцнеше повторно е достапна. Од „Хема-Онко“ предупредуваат, ако за еден месец повторно се случи истото и не се утврди одговорност, ќе следуваат протести пред институциите и дистрибутерите.
– Не можеме да се бориме со ракот, со ад хок решенија, со краткотрајни решенија. Мора да се донесе стратегија во секој сегмент на борбата со ракот на долгорочни патеки и денеска сме точно поради тоа тука. Да потсетиме дека сме тука секогаш кога ќе нема терапии или секогаш кога ќе се соочуваат пациентите со било какви потешкотии, а ги имаат доста и во однос на дијагностиката и на следењето на болеста, дека ќе продолжиме да инсистираме, дека ни требаат долгорочни стратегии, изјави Ана Марјановиќ здружение Хема-Онко.
Марјановиќ вели дека, и покрај зголемениот буџет и завршената тендерска постапка во мај, во текот на летото имало прекини во снабдувањето со терапија.
– Доколку не се почне да се работи на добра превенција, на одлични скрининг програми кои што во рани фази ќе ги детектираат, буџетот на Онкологија континуирано ќе треба да се зголемува бидејќи се зголемуваат цените на лековите и бројот на пациенти. Не е Македонија држава која што во било кој момент, ни сега ни во минатото ќе има доволно финансии за да ги опслужи сите онколошки пациенти, истакнува Марјановиќ.
Од Клиниката за радиотерапија и онкологија велат дека поголемиот дел од терапијата веќе е пристигната, додека остатокот се очекува да биде обезбедена во текот на оваа недела. Причината за доцнењето велат е поради зголемениот број пациенти, зголемената потрошувачка и состојбите во снабдувањето и додаваат дека третманот на пациентите во ниту еден момент не бил доведен во опасност.
Кај мал дел од препаратите кои се наоѓаат на позитивната листа на Фондот за здравствено осигурување беше евидентирано краткотрајно доцнење во испораката, како последица на повеќе објективни околности, меѓу кои зголемената потрошувачка, зголемениот број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки, како и делумниот недостиг кај дистрибутерите, велат ЈЗУ УК за Радиотерапија и Онкологија.
Онколошките пациенти со години предупредуваат на недостиг на терапија,големи гужви и проблеми со скрининг-програмите.
Симона Петровска













