Од денеска дополнително се засилува контролата на водата во Гостивар, бидејќи во наредните денови очекуваме водата да биде добра за пиење, најави Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, во денешното Телма интервју на Телма ТВ.
„Денеска во 20 часот примероци од водата ќе земат стручни лица од Институтот за јавно здравје, од Центарот за јавно здравје Тетово, како и од секторот од „Водовод“ Скопје кој што се грижи за квалитет на водата. Три независни лаборатории вечерва ќе земат примероци и истите ќе ги испитаат. Договоривме и да ја засилиме динамиката, примероци ќе се земаат на 12 часа, бидејќи очекуваме во наредните денови состојбата да се подобри“, рече Ангелов.
Според Ангелов, состојбата со водата за пиење во Гостивар е одамна излезена од контрола.
„Она што се случи во Гостивар е надвор од разумот. Да ставите цевки во вода, во река, во канал и да ја пуштите граѓаните да ја пијат е навистина е крајно несовесно однесување, но за тоа судот ќе се изјасни понатаму“, рече првиот човек на ДЗС.
С.Д.













