Албанските медиуми објавија дека МВР на Албанија ги прогласило за персона нон грата и им забранило влез на двајца македонски државјани, контроверзниот оџа од Скопје, Бекир Халими, и политичарот и поранешен економски директор на скопска Гинекологија, Ваљон Беља.
Според објавите, двајцата се ставени на албанската црна листа поради проценка дека претставуваат закана за националната безбедност, уставниот поредок и суверенитетот на Албанија, како и закана за јавниот ред и мир.
Албанските медиуми објавуваат дека, според проценките, постојат сомневања дека двајцата се членови на терористички организации кои поддржуваат и спроведуваат анархистички дејствија против албанската држава. Во текстовите не е наведено дали забраната се однесува за активности поврзани со таканаречената „Фламинго револуција“, односно протестите во Албанија против изградба на туристички ресорти во заштитената зона во Звернец, проект кој му е доделен на зетот на Доналд Трамп.
Со реакција на социјалните мрежи се јави Беља, кој на Фејсбук напиша дека е прогласен за „непожелен“ од Владата на како што вели „Еди Рамовиќ“, сијамскиот брат на Вучиќ.
„Албанците никогаш не биле поделени на оние „внатре“ и „надвор“ од државната граница кога станувало збор за националните идеали. Оние што се жртвувале за слободата и достоинството на Албанците не можат да бидат оценувани само врз основа на административни одлуки, особено кога недостига транспарентност и јасно јавно образложение. Оние што денес носат исклучувачки одлуки треба да бидат свесни дека ќе им судат не само нивните современици, туку и идните генерации, кои ќе оценуваат дали го бранеле националниот интерес или дневните интереси“, напиша Ваљон Беља.
Албанската полиција минатиот месец од граница врати повеќе лица во придружба на политичките претставници на Вреди, но нема потврда дали станува збор за истите лица. Бекир Халими е радикален оџа од Скопје, ИВЗ во 2016-та го протера од заедницата, но потоа се врати како раководител на исламската библиотека во Скопје.
Ваљон Беља е политичар кој пред седум години беше претставник на ДУИ и ја извршуваше функцијата економски директор на Гинекологија. Беше отворена истрага за него и тој беше разрешен од функцијата во мандатот на Венко Филипче. По смената на Филипче, Беља беше назначен за шеф на кабинет во министерството за здравство. Претходно, од друга партија, односно од ДПА, Беља беше и кандидат за градоначалник на Чаир.
Петар Догов













