Нов сомнителен случај на западнонилска треска. Станува збор за 76 годишен пациент од Скопје со повеќе придружни заболување, хоспитализиран на Инфективната клиника за кој се чекаат лабораториски резултати од Институт за јавно здравје.
„Кај кого е потврдено дека има воспаление на мозок и мозочни обвивки од вирусно потекло и позитивна серологија од серум на вирусот Западен Нил, така што и тој случај се смета дека е суспектен, но за да се докаже невроинвазивната форма ни требаат доплонителни иследувања од цереброспиналната течност“, рече д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести
Во моментов на Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани десет пациенти со потврден вирус Западен Нил. Тројца се во критична состојба, сите со коморбидитети и над 60 години. Се лекуваат во Одделот за интензивна нега и сите тројца се на механичка вентилација и се уште нема никакво подобрување на нивната здравствена состојба. Во меѓувреме на Инфективна се хоспитализирани и шест пациенти кои се водат како клинички суспектни, вели доктор Цана.
„Иако кај нив со ПЦР резултатите се негативни, но ПЦР технологијата не е златен стандард кај невроинвазивната форма на вирусот Западен Нил и тие пациенти се подложни на дополнителни лабораториски иследувања и се лекуваат и третираат како пациенти со западнонилска треска“, вели д-р Фадил Цана, директор на Клиника за инфективни болести.
Според Министерството за здравство заклучно со 30 јули 2026 година, во државата се потврдени вкупно 13 случаи на западнонилска треска, додека за 7 кои се суспектни се чекаат резултати од дополнителни лабораториски испитувања.
Нина Стефанова













