Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против едно физичко лице – сопственик и управител на правно лице, како и против самото правно лице, поради сомнение за сторени кривични дела „Даночно затајување“ и „Фалсификување или уништување на деловни книги“.
Според пријавата, осомничениот преку фиктивни книжења во 2021 година присвоил средства од продажба на нафта и нафтени деривати во износ од над 7 милиони денари, при што избегнал плаќање даноци.
Истрагата покажала дека со лажно евидентирање биле намалени залихите, приходите и обврските за ДДВ, а зголемена набавната вредност на продадената стока, со што не биле платени данок на додадена вредност, данок на личен доход и данок на добивка во вкупен износ од неколку милиони денари.
Дополнително, во 2024 година, според Финансиската полиција, осомничениот присвоил залиха од 12,6 милиони денари без да ја евидентира како кусок, со што повторно избегнал плаќање на законските даночни обврски.
Со наведените дејствија, според Управата за финансиска полиција, осомничените го оштетиле Буџетот на државата за вкупно 7.211.359 денари, а предметот е доставен до Основното јавно обвинителство Скопје за понатамошно постапување.













