Постојат разговори за трајно решение што ќе го одблокира европски пат. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во интервју за МИА потенцира дека се работи на решение за спорот со Бугарија. Тој, сепак, не откри повеќе детали за да, како што вели, им даде шанса на разговорите.
„Разликата помеѓу оваа Влада и претходните влади е што ние не сме подготвени за попустливост по прашања поврзани со идентитет, историја, јазик и култура и затоа јас и ние често зборуваме за тоа дека има разговори. Ние не смееме да ги споделуваме деталите од тие разговори, бидејќи ако почнеме со јавноста да ги споделуваме, тогаш ги осудуваме на неуспех. Но, граѓаните треба да бидат спокојни дека нашата Влада јасно знае како го има добиено својот легитимитет, јасно го следи ставот на граѓаните во однос на ова прашање и има јасно нацртани црвени линии и позиции и прашања за кои што не е подготвена да преговара. Така што работиме на решение, но ќе повторам, не решение по секоја цена и не решение кое само по себе нема да биде одржливо и кое ќе создава ризици повторно да бидеме во оваа ситуација во која што се наоѓаме сега“, изјави Муцунски.
Муцунски и Мицкоски веќе излегоа со изјави дека протоколите не се дел од преговарачката рамка. Дека се водат разговори зад радарот неодамна посочи и евроамбасадорот Михалис Рокас. Според него, политичарите во Македонија не се против уставните измени, но бараат гаранции дека тоа ќе биде последниот услов и нема да бидат опфатени македонскиот јазик и идентитет.
Од опозициската СДСМ велат дека не постои земја во светот во која министер за надворешни работи јавно кажува дека води разговори за судбината на државата, но тие се тајна. Според опозицијата, не станува збор за никаква непопустливост, а државниот врв веќе го потврдил успехот на претходната влада.
„Христијан Мицкоски го нарече Преспанскиот договор „ремек-дело на дипломатијата“. Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека националниот идентитет, јазикот и културата се целосно заштитени и апсолвирани. Истиот Тимчо Муцунски изјави дека НАТО е одлична работа, не само за безбедноста на граѓаните, туку и за странските инвеститори (кои ги избркаа – инвестициите паднаа за 60% откако ВМРО-ОКГ ја презеде власта“, стои во реакцијата на СДСМ.
Неодамна, четири земји кандидати за ЕУ на т.н. „Супер вторник“ направија крупен исчекор на патот кон ЕУ. Украина и Молдавија ги почнаа преговорите, а Албанија и Црна Гора отворија нови поглавја. Европските претставници порачаа дека и Македонија треба да го следи истиот пат.
Кристина Кузмановски













