Здрава Котлина тврди дека располага со доволно факти што, според нив, се основа за раскинување на концесиите за рудникот Иловица-Штука. Од здружението сметаат дека Владата има уште повеќе информации и дека не постојат законски пречки за да го направи тој чекор.
–Сигурно е дека она што стои како аргументација, а ние со години ја споделуваме, ги плаши концесионерите, тие бегаат од соочувања секаде веќе со години тоа го прават, затоа што ние знаеме многу за нивните така да кажам малверзации, така што премиерот сметаме дека може да се охрабри и да ги донесе овие така да кажам да даде еден импулс на населението да се смири, бидејќи сега веќе е разбранувана темата, смета Ѓорги Танушев од Здрава Котлина.
Екоактивистите остануваат на ставот дека евентуалното отворање на рудникот би предизвикало сериозни еколошки и економски последици за целиот Југоисточен регион. Велат дека изградбата на ваков индустриски капацитет е неприфатлива под какви било услови.
–За да бидеме сигурни, бидејќи ако се отвори овој рудник овде, како што знаеме од искуствата од светски рамки, еве сега Шпанија беше актуелна, за нас овде мир ќе нема. Се ќе биде загадено, се ќе биде проблематично, а и самиот инвеститор ќе мора во вонредни услови да се справува со сите овие проблеми, така што апсолутно сосема непотребно ќе се навлече гнев, наместо да се реши ситуацијата во полза на граѓаните и во согласност со законите. Законите се чисто на наша страна, додава Танушев.
Покрај барањето за раскинување на концесиите за Иловица-Штука, еколошките организации бараат и Владата да ја повлече одлуката за распишување концесии за проспекциски геолошки истражувања во источниот дел од државата.
Сузана Мицева













