Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Настаните стартуваат од утре, јавноста сè уште чека одговор колку ќе чини прославата за независноста

/

Македонија

Сподели преку :

На почетокот на мај беше првата прес-конференција на која се соопшти дел од програмата за тоа како ќе се одбележи денот на независноста 8 Септември. Се објавија познати светски имиња, но од тогаш, па сè до денеска сè уште нема податок колку ќе чини сето тоа што треба да се плати од јавните пари, иако веќе од утре стартуваат настаните кои се дел од програмата за одбележувањето.

Нешто повеќе од два месеца од Владата соопштуваат дека кога целосно ќе бидат финализирани сите елементи,  јавноста ќе добие податоци и за финансиите. И во последниот допис од таму на прашањата на Телма – кои се оние кои досега се знаат дека ќе бидат дел од програмата за прославата, со кои дополнително ќе се преговара, која е вкупната сума која треба да се плати за настапите, со истиот универзален одговор – „Се подготвува концепт за достоинствено и современо одбележување на 35 години независност и дека процесот се одвива во фази“, без податок за тоа колку ќе чини сето тоа.

„Во однос на конкретните организациски, програмски и финансиски аспекти, јавноста ќе биде навремено, целосно и транспарентно информирана, во моментот кога сите елементи ќе бидат финализирани. Имајќи ја предвид сензитивноста на договорните процеси со дел од артистите, продукциските куќи и останатите учесници, одредени информации ќе бидат објавени по нивното официјализирање“, соопштија од Владата. 

Прашавме и во „Авалон“, дали и кога потпишале договор и која е сумата, но и од таму без повеќе детали соопштија дека се придржуваат кон сето она што го пратила Владата како одговор.

Познавачите, пак, неодамна во „Топ тема“ дебатираа дека убаво е да има настани и треба да се одбележи годишнината, но дека кога се трошат јавни пари, граѓаните имаат право да знаат колку сето тоа ќе чини и каде одат нивните пари, особено што се случува во време кога долгот на државата е висок, а куповната моќ на граѓаните намалена.

„Без разлика што во тек им се подготовките, во тек им е развојот на концептот, граѓаните заслужуваат да знаат која е проценетата вредност“, изјави во „Топ тема“, Биљана Ивановска поранешна претседателка на ДКСК.

„Имаме многу искуство во изминативе 35 години од ваков тип на договори и имаме право да бараме отчет однапред, а откако ќе помине возот“, изјави Слаѓана Тасева, поранешна претседателка на „Транспаренси Интернешнал“.

Според она што го соопштија од Владата на последната прес-конференција, утре во Битола со голем концерт стартува прославата за 35 години независност.

Настани ќе има во текот на целиот месец август во повеќе градови, а прославата ќе финишира со настап на Дејвид Гета во Скопје и тоа точно на 8 септември. И во сите тие информации, прес- конференции, податоци, нема ниту збор за парите кои ќе треба да се издвојат за сето тоа.

Ирена Чачкова

Jumbo 2