Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Прескокнување на изолацијата е најголемата грешка при инвестиција во нови системи за греење, сметаат инженерите

/

Македонија

Сподели преку :

Постојаното зголемување на цените на енергенсите, како и глобалните политики за транзиција кон зелена енергија стануваат силен предизвик за домашните јавни установи. Постигнување енергетска ефикасност е важно од економски, но и од еколошки аспект. Први кон ваквата транзиција се училиштата во кои последните години се вложува од аспект на подобрување на состојбата на објектите. Ова е и европска пракса. Македонската инженерка Љупка Вртева, која во изминатите пет години работела на проекти за енергетска обнова на јавни објекти во Словенија, вели дека најголемата грешка е кога се инвестира во нови системи за греење, а се прескокнува основниот чекор – изолацијата.

„Во прв ред е потребна изолација на самите објекти која многу често ја забораваме, а по самата изолација следуваат различни поефикасни системи за грееење или вентилација или ладење на самите објекти, а самата ефикасност на системите е навистина важна. Зошто? – Затоа што на тој начин не само што ќе ја намалиме потрошувачката на топлинска енергија и електрична енергија исто така го намалуваме и загадувањето на животната средина во која се наоѓаат тие различни системи, вентилации или ладење на самите објекти. Што значи дека на тој начин може да придонесеме да дишеме колку што можеме почист воздух“, вели инженерката Љупка Вртева.

Искуството од Словенија покажува дека ваквиот пристап носи најголеми заштеди, а истовремено обезбедува поквалитетен воздух и подобри услови за учениците и наставниците.

„Јас би рекла во прв ред е најбитна изолацијата. Доколку нема изолација, топлинската пумпа нема да работи како што треба, бидејќи топлинските пумпи се направени за такви објекти кои се многу добро изолирани. Ако во случај вградиме топлинска пумпа во стар, неизолиран објект можеме во следните една-две години да наидеме на различни проблеми коишто ќе нè чинат многу поскапо од тоа да направиме мала инвестиција со самата изолација. Што значи на крајот не сте направиле ништо“, смета Вртева.

Во струмичкиот регион дел од училиштата во изминатите години добија нови фасади, прозорци или реконструирани системи за греење. Но, сè уште има објекти со големи топлински загуби, па без добра изолација, ниту современата опрема не може да ги даде очекуваните резултати.

Експертите предупредуваат дека енергетската ефикасност не започнува со поставување нова топлинска пумпа или модерен котел, туку со добро изолирани ѕидови, покрив и прозорци. Само така вложените средства навистина се исплатуваат, а училиштата добиваат стабилно и економично греење. Според инженерите, неправилното планирање е една од најчестите причини поради која дел од инвестициите не ги даваат очекуваните резултати.

„Самата топлинска пумпа не работи на тој начин, да ги грее тие објекти коишто не се изолирани и многу бргу може да дојде до оштетување на самите делови во топлинската пумпа. Затоа треба да бидеме баш внимателни со тоа“, додава Вртева.

Енергетската ефикасност не значи само пониски сметки за струја или греење. Таа значи подобри услови за учење, почист воздух и поодржливо користење на јавните средства. За училиштата во струмичкиот регион тоа би значело инвестиции што долгорочно ќе ги намалат трошоците и ќе создадат поквалитетна средина за идните генерации.

Сузана Мицева

Jumbo 2