Не се евидентирани законски нерегуларности, односно субјектите постапувале согласно пропишаните услови во еколошките дозволи за управување со отпадните води, се наведува во соопштението на министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) по спроведените вонредни инспекциски надзори кај индустриските субјекти во зоната под државна надлежност во врска со појавата на бела отпадна пена во реката Вардар кај вливот на реката Лепенец.
„При надзорите не беа евидентирани законски нерегуларности, односно субјектите постапувале согласно пропишаните услови во еколошките дозволи за управување со отпадните води. Важно е да се напомене дека квалитетот на водите во овој појас е под влијание на повеќе различни фактори, вклучувајќи ги комуналните и атмосферските води, како и активноста на бројните деловни субјекти во околината, поради што сите надлежни органи дејствуваат координирано“, информираат од МЖСПП.
Со цел прецизно утврдување на состојбата, ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје изврши земање мостри од водата на спорната локација и до МЖСПП достави прелиминарен извештај од 29 јули, според кој анализираните физичко-хемиски параметри на примерокот не ги надминуваат граничните вредности за испуштање во површински води.
Дополнително, по барање на ДИЖС, земени се мостри и од акредитирана лабораторија, чиј финализиран извештај ќе биде доставен до Инспекторатот и до МЖСПП во вторник, 4 август 2026 година.













