Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

За половина година продадени станови во вредност од околу 300 милиони евра – пазарот на недвижности повторно расте

/

Економија

Сподели преку :

За шест месеци во земјава се продадени станови во вредност од околу 300 милиони евра, покажува најновиот извештај на Агенцијата за катастар. Од документот може да се види дека за овој период, вкупната сума пак која е потрошена за купување на сите недвижности изнесува над 600 милиони евра, но половина од овој износ е токму од продажбата на станови.

Од овие бројки може да се заклучи дека по послабиот старт на годинава, пазарот повторно забрза, па така во вториот квартал продажбата на станови, во однос на првите три месеци, е зголемена за 37 отсто, што е доказ дека купувачите не се откажуваат лесно од квадратот за кој постојано се зборува во јавноста дека неговата цена е превисока.

Во вториот квартал најголема раздвиженост на пазарот има во јуни, односно тогаш имало најмногу купопродажби, а најслаба активност е забележана во мај.

Од податоците во извештајот може да се забележи дека просечната цена во повеќето општини во Скопје, цената е повисока за становите во старите градби од онаа во новите.

Најскапиот стан во вториот квартал е купен во Охрид и тоа стара градба, по цена на квадрат од 3.200 евра, односно за 66 метри квадратни купувачот платил нешто над 211.000 евра.

Исто така, може да се забележи дека во вториот квартал годинава, во споредба со вториот квартал лани, за околу 40 проценти е зголемена продажбата на новоизградени станови.

За разлика од кај становите, кај закупнините ситуацијата е поразлична. Таму е регистриран пад кај речиси сите категории на закупнини и кај становите куќите, кај деловните простории.

Висината на цената на квадратот е тема за која се зборува веќе извесно време. Градежниците тоа го правдаа со големата побарувачка, други пак зборуваа дека се потребни нови локации за градба за да поевтини. НБРМ, пак, одлучи да го намали учеството за купување на прв стан, но го зголеми за секој нареден со надеж дека тоа ќе помогне за стабилизација на цените.

Ирена Чачкова