Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Идна метропола за култура без места за рекреација во лето

/

Македонија

Сподели преку :

Летото е време кога базените се преполни, а водата е засолниште од горештините. Но, во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, тишина. Нема стартни свирежи, нема пливачки патеки, нема тренинзи. Само откорнат покрив и катанец на вратата. Едно невреме ја оттурна водата, а со неа и секојдневието на стотици пливачи. Следните две години, наместо да се бркаат секунди и медали, ќе се чека реконструкција.

Невремето не го создаде проблемот, само го оголи. Покривот беше последната алка што попушти во објект кој одамна бараше темелна санација. Наместо брза поправка и враќање во функција, базенот го чека долг ремонт, вели директорот Данијел Апостолоски.

„Планираме октомври, се надевам најдоцна до ноември да започнеме со реконструкција, бидејќи треба да помине онаа процедура со тендерска постапка за изведувач на градежните работи. Така што се надевам од септември-октомври, кога ќе започнеме со реконструкција не би требало да трае повеќе од година до година и три месеци, со што практични некаде за година и половина се надевам од денеска ако гледаме ќе добиеме еден нов базен кој што во наредните 50-тина години се надевам нема да не соочува со вакви проблеми“, додава директорот Данијел Апостолоски.

Пливачките клубови и здруженија веќе се информирани за ситуацијата. За среќа, во невремето немало повредени, но пливачите ќе мора да бараат алтернативни услови за тренинг. Неколку стотини метри подалеку, затворени остануваат и портите на Аква паркот. Иако со години не е во функција, таму веќе се работи на санација на дел од инфраструктурата, додава Апостолоски.

„Во овој момент работиме на пумпите коишто се долу под земјата, коишто се многу на број би рекол и навистина се захтевни, голем зафат бараат. Во овој момент го работиме и тоа, така што се надевам дека доколку овие работи кои што се покомплексни, би рекол, за работа ги завршиме ова лето, за наредната година, почетокот на февруари ќе ни останат оние финеси да ги завршиме и се надевам дека мај-јуни ќе можеме да почнеме со финални подготовки и отпочнување со работа“, изјави Апостолоски.

Додека најголемиот спортски комплекс во земјава се подготвува за реконструкција, граѓаните бараат освежување на други локации. Работи базенот во скопски Аеродром. Таму влезот за возрасни чини 400 денари.

„Поради топлото време имаме посетители, да. За време на викендите се послободни фамилијарните луѓе и тие се поприсутни“, истакнува Добривоје Ставрески, менаџер на базен Аеродром.

Сепак, бројот на јавни базени што не работат е поголем од бројот на оние што се во функција. Затоа многумина спасот од горештините го бараат во базените во приградските населби кои најчесто се во состав на ресторани и хотели. Проблемот е уште посериозен за пливачите што активно тренираат. Во Скопје има само два затворени јавни базена со олимписки димензии. Спортскиот центар „Борис Трајковски“, кој сега е затворен, па на пливачите им останува да го користат само олимпискиот базен. Во Скопје, исто така, функционира и базенот во Сарај.

Симона Петровска

 

Jumbo 2