Со Ребалансот на Буџетот државните пари одат таму каде што се најпотребни, истакнаа денеска од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека капиталните расходи со ребалансот растат за 14,5 проценти и достигнуваат речиси 46 милијарди денари.
„Капиталните дотации до општините се зголемуваат за околу 1 милијарда и 683 милиони денари“, додаваат од партијата.
Пратеникот, Бојан Стојаноски, пак, на прес-конференција потенцира дека со ребалансот, социјалните трансфери се зголемуваат за 2 милијарди и 234 милиони денари.
„Тоа се средства поврзани со социјалните надоместоци, здравствената заштита и обврските кон граѓаните кои не смеат да зависат од дневната политика. Функцијата социјална заштита расте за околу 1 милијарда и 838 милиони денари“, изјави Стојаноски.
Тој информираше дека средствата за здравството се зголемуваат за околу 1 милијарда и 811 милиони денари, а за образование за повеќе од 1 милијарда денари.
„Субвенциите и трансферите растат за 3 милијарди и 94 милиони денари“, посочи пратеникот.
Тој рече и дека Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството добива дополнителни 1 милијарда и 331 милион денари.
„Министерството за земјоделство добива речиси 300 милиони денари повеќе, со засилување на средствата за водостопанство и стабилност на земјоделското производство. Платите и надоместоците во јавниот сектор се зголемуваат за 1 милијарда и 128 милиони денари, пред се за исполнување на колективните договори и законските обврски“, појасни Стојаноски.













