Generic selectors
Exact matches only
Search in title
Search in content
Post Type Selectors

Кој ќе го проектира и од каде пари? – Скопје и Софија повторно на маса за заедничкиот тунел на пругата

/

Македонија

Сподели преку :

Тунелот од пругата кон Бугарија долг околу три километри повторно ги седна на маса Скопје и Софија. Кој да го изработи проектот и од каде да се најдат парите се прашањата на кои почнаа да се бараат одговори во Софија. Според информации до кој дојде Телма, денеска таму е присутна македонска делегација која со своите бугарски колеги разговараат за тоа која држава е најдобро да го изготви овој проект со кој би се тргнало во потрага по финансии.

Точна проценка колку ќе чини целиот тунел нема, но според некој груби пресметки би биле потребни околу 70 милиони евра. Напорите се средствата да се обезбедат целосно од грантови, но според информациите од таму, тоа ќе биде многу тешко. Следната средба за ова прашање најверојатно ќе биде во Скопје.

Од друга страна, пак, земјава ги загуби парите од ИПА фондовите кои требаше да се искористат за доизградба на железничката пруга кон соседна Бугарија. Станува збор за 60 милиони евра. Поради тоа што помина временскиот рок за старт на изградбата, овие средства повеќе не се достапни, па владата го промени договорот за да може со кредитите од ЕБОР и ЕИБ кои се веќе договорени, да се надомести загубениот грант.

Од СДСМ излегоа со обвинувања дека по загубата на овие средства товарот ќе падне на граѓаните преку нови задолжувања. Од Владата, пак, уверуваат дека во следните неколку години нема да има финансиски импликации.

За третата фаза од ова железничкото поврзување, односно од Крива Паланка до границата со Бугарија во тек е проверка и на понудите за тоа кој ќе го врши надзорот. Рокот за достасување беше до почетокот на јуни, додека повикот за избор на изведувач според информациите ќе биде објавен за околу две недели.

Железничкото поврзување со Бугарија е проект на кои се работи со години, а железничкиот коридор 8 ги поврзува Јадранското со Црното море. Делот во Македонија е од границата со Бугарија, преку Бељаковце, Куманово, Скопје, Кичево, па се до границата со Албанија.

Ирена Чачкова

Jumbo 2