Одиме со предлогот на судија Ивица Николовски, колешке Антоанета? – Против, јас веќе имав образложение, судија Џенета? – Да, предлогот за Зоран Герасимовски „за“.
Вака мнозинството членови на судски совет го избраа поранешниот нивни колега Зоран Герасимовски за в.д. претседател на Апелациониот суд, откако довчерашната претседателка Мери Дика Георгиевска собранието ја избра за уставен судија.
Изборот се одвиваше со онлајн вклучување на три членки на Судскиот совет поради нивно отсуство од Скопје преку телефонот на претседателот Камбовски. Противкандидат му беше судијката Тања Милева за која гласаа само Антоанета Димовска која ја предложи и Сузана Јошевска.
Димовска преку телефонот на претседателот Камбовски порача дека не треба да се заборави дека судијата Зоран Герасимовски дека се повлекол од Судскиот совет кога било најтешко. Јошевска, пак, сметаше дека в.д. треба да биде подобро рангираниот судија.
„Зоран Герасимовски, всушност и си отиде од Судскиот совет кога беше најтешко, па сега можеме и тоа да го цениме“, вели Антоанета Димовска, член на Судски совет.
„Судијата Тања Милева е највисоко бодувана. Со 197 бодови. Останатите што имаат над нејзе се или пензионирани или во Врховниот суд“, вели Сузана Јошевска Анастасовска, член на Судски совет.
Сепак, Ивица Николовски кој го предложи Герасимовски, а и останатите седдумина кои гласаа за Герасимовски сметаат дека се работи за судија кој бил и заменик на Апелационен суд, дека има богата судиска кариера и континуирано добро работел на предметите кои ги имал.
„Последната година, овој колега беше член на Судски совет. И покрај што за три години, сепак може да констатираме ако ги гледаме бодовите, дека има еден квалитет. Што и со една година не земени во предвид резултати од работа, сепак е високо бодиран“, изјави Ивица Николовски, член на Судски совет.
„Претходните колеги од Судскиот совет веќе соработувале со Зоран Герасимовски. Судијата има и одлични менаџерски способности и особено околноста што судијата Зоран Герасимовски е судија во граѓанскиот оддел“, изјави Џенета Бектовиќ, член на Судски совет.
Оглас за распишување на претседател на Апелационен суд, Судскиот совет веднаш распиша. Инаку, Уставниот суд денеска објави дека Дика веќе почнала да работи, откако вчера мнозинството во Собранието ја изгласа за уставен судија. Инаку, таа беше сведок во процесот „Рекет“, против екс обвинителката на СЈО, Катица Јанева и Бојан Јовановски како кума на Боки 13 и блиска на неговото семејство. Нејзината сестра, пак, Агапи Дика беше претседателка на невладината Меѓународен сојуз на Боки 13, но беше сведок во тој процес.
Билјана Николовска













