Точно десет години се гради новата болница во Штип. Досега се потрошени 30% од средствата, а за нејзино ставање во функција, потребни се уште 109 милион евра. По ставањето на камен темелникот во март 2016 година досега е до фаза на затворен карабин, со делумно ставена фасада и поставени се поголем дел од инсталации, покажаа најновите анализи на Министерството за здравство. Неколку години во објектов ниту една шајка не е закована. Првите луѓе на македонското здравство, со делегација на Светска банка денеска во Штип го разгледаа концептот за завршување и целосно опремување на новиот болнички комплекс. Во наредните два месеци ќе се направи ревизија на проектот, по што три месеци се предвидени за меѓународен тендер за избор на нова градежна компанија.
„Ќе работиме со компании со меѓународна репутација и капацитет да ја завршат работата. Мора да кажам дека сега имаме и одредено искуство со реконструкција на оперативните блокови во „8ми Септември” и во Клиничкиот центар, кои се најсензитивниот дел и најскапиот дел во овој зафат, така што мислам дека можеме да донесеме мудри одлуки за да нема проблеми како што имаше во претходниот период со изведувањето на работите“,- вели Сашо Клековски министер за здравство.
Додека се прват чекорите за рестартирање на изградбата на новата болница во Штип, старата зграда во која се лекуваат пациентите од целиот источен регион од силното невреме остана без дел од кровот. Се чека извештајот од Осигурителната компанија за проценката на штетата.
„Чекаме извештај од осигурителната компанија и уште една проценка, затоа што после првиот чин од невремето, секако се појавуваат и други делови и работи кои треба да се реконструираат. Тоа се однесува на кровот на третиот спрат, каде што е сместено Ортопедското одделение и ортопедската сала, како и Единицата за интензивно работење и Кома центарот. Тие се оштетени бидејќи останаа без кров-изјави Билјана Ефтимова заменик директор на КБ Штип.
Откако летна дел од кровот од силниот ветар, пациентите од ортопедија се сместени на други одделенија, а пациентите со скршеници се испраќаат во други болнички центри во земјата.
Викторија Јовановска













