Долгови, слаби контроли слабости во ИТ, ревизијата во Фондот за здравствено осигурување утврди и дека сè уште има и недоследности во ефикасноста на следење на лекувањето во странство, во начинот на финансирање/купување на услугите од јавните здравствени установи и ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирање на Листата на лекови што паѓаат на товар на Фондот.
– Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи и ревизија на усогласеност на Фондот за здравствено осигурување за 2024 година. Со извршената ревизија е изразено мислење со резерва за вистинито и објективно прикажување на финансиските извештаи и за усогласеноста на работењето со релевантната законска регулатива. Ревизијата нагласува дека ненавремената уплата на средства врз основа на придонеси од надлежните институции влијае врз ликвидноста на Фондот, со што е отежнато навременото сервисирање на обврските на здравствените установи во рамките на договорените надоместоци – се наведува во извештајот.
ДЗР, заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 8.415.865 илјади денари (приближно 137 милиони евра), при што постојано се зголемува разликата помеѓу планираните средства и нивната реализација. Поради недоволно обезбедени буџетски средства, неисплатените средства од Министерството за здравство врз основа на придонес за неосигурените лица на крајот на 2024 година изнесува 2.136.300 илјади денари (приближно 35 милиони евра).
-Утврдени се и слабости во контролите што ги спроведува Фондот врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги од страна на здравствените установи. Нецелосната поврзаност на информацискиот систем на Фондот со системот „Мој термин“ и нецелосната информатичка поддршка на процесот на следење, пресметување и исплата на надоместоците на избраните лекари, како и недоволната координација помеѓу организациските единици, отсуството на планирање на контролите врз основа на анализа на ризик и недоволниот број на лекари контролори, ги ограничуваат обемот и ефикасноста на контролите и не обезбедуваат целосна потврда за реално извршените здравствени услуги – наведува ДЗР.
Во 2024 година пак извршени се вкупно 44 контроли во установите што вршат болничка здравствена заштита, при што кај речиси половината се утврдени неправилности.
-Најголем дел од контролите се врши во јавните установи, а кај приватните болници, каде што висината на исплатите зависи од обемот на извршените услуги, контролите се недоволни. Почнатите активности за дигитализација и воведување софтверски модул за планирање на контролите не се завршени поради неисполнети технички и организациски предуслови. Во областа на јавните набавки, утврдени се слабости во планирањето и спроведувањето на ИТ-набавките. Кај 17 од 20 ревидирани постапки доставена е само една понуда, при што ревизијата укажува дека дел од условите и техничките барања не бил целосно сразмерен со предметот на набавката, што влијаело врз конкуренцијата, велат од ДЗР.
Во делот на лекувањето во странство, утврдени се слабости во однос на почитувањето на законските рокови за одлучување, следењето на постапките и евалуацијата на успешноста на лекувањето.
– Недоволно се воспоставени и контролите во процесот на евидентирање и затворање на авансно исплатените средства кон странските здравствени установи, чиј износ континуирано се зголемува во изминатиот период. Имено, приближно половина од вкупниот износ на авансите се однесува на период од 2014 до 2023 година за кои не се добиени конечни фактури или не е извршен поврат на средствата. Како клучно ревизорско прашање се истакнува дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на принципот на плаќање според извршените здравствени услуги. Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени установи, при што повеќето од нив имаат реализирано значајно помал обем на услуги во однос на договорениот надоместок. ДЗР укажува и на неизвесноста во однос на исходот од почнатите судски постапки во кои Фондот се јавува како тужена страна, како и потребата од ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, кои во најголем дел се утврдени пред повеќе од 10 години и не ги одразуваат реалните трошоци. Истакната е и потребата од натамошно ажурирање на листата на лекови што паѓаат на товар на Фондот, со цел да биде усогласена со потребите на здравствениот систем и осигурениците – велат ДЗР













