Попладнево избувна пожар во велешката месност „Дорутовец“ на влезот во Велес.
Поради силниот ветер и опасноста огнот да се прошири, раководителот на Главниот штаб за управување со кризи, Стојанче Ангелов, активираше два авиона „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување.

На терен интервенираат пожарникари од ТППЕ Велес со две противпожарни возила и шестмина пожарникари, а во гаснењето се вклучени и месното население од село Чалошево, како и екипа со цистерна од ЈП „Дервен“.
По дејството на авионите и копнените екипи, опасноста е намалена, но пожарот се проширил во правец на патот Велес – Штип.
Поради густиот чад што ветрот го носи кон автопатот, Главниот штаб за управување со кризи побара поддршка од МВР за регулирање на сообраќајот доколку се јави потреба.

Состојбата и натаму се следи во координација со сите служби на терен. Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 18 часот во државата биле регистрирани девет пожари на отворен простор. Активни се четири пожари, додека пет се изгаснати.
