Полицијата се уште не ги открила двајцата вандали кои ноќта петок кон сабота го исчкртаа со навредливи пораки влезот на Културно Уметничкото друштво „Српски Вез“ во Центарот за култура во Куманово.
„Ве информираме дека СВР Куманово интензивно работи на расчистување на случајот по што соодветно ќе ја известиме јавноста“, ни одговорија од полицијата.
Снимките кои ги објави министерот за локална самоуправа Иван Стоилковиќ покажуваат како две лица излегуваат од автомобил и за неколку минути цртаат пораки кои според Стоилковиќ се навредливи и шовинистички и кои содржат УЧК.
По настанот, вчера попладне реагираше со осуда кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.
„Најостро го осудувам вандализирањето на просториите на КУД ‘Српски вез’ во Куманово. Барам од органите на истрагата да го утврдат идентитетот на сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата. Куманово отсекогаш бил град на мултикултура и соживот, таков и ќе остане“,порача Димитриевски, кој порача дека ваквите активности не се патриотски, туку шовинистички и со една цел – подгревање на националната нетрпеливост.
Реагираше и пратеникот од Куманово, Оливер Спасовски кој покрај остра осуда за вандалскиот чин, нагласи дека ваквите постапки се неприфатливи и не смеат да бидат причина за нарушување на меѓуетничките односи и соживотот по кои Куманово е препознатливо.
„Верувам дека станува збор за изолиран инцидент кој не ги отсликува вредностите на нашите граѓани. Очекувам надлежните институции брзо и темелно да го расчистат случајот, да ги утврдат сторителите и да постапат согласно законот. Само со навремена и одлучна реакција ќе испратиме јасна порака дека нема место за омраза, вандализам и провокации“, наведе Спасовски во својата реакција.
Стоилковиќ во својата објава наведе дека вандализирањето на српското културно друштво е еден во низата случаи и дека зад сето тоа стојат инспиратори од политиката. Министерот и доскорешен вицепремиер порача и дека претходните напади биле премолчувани и неосудувани во јавноста.
Миомир Серафиновиќ
