Вести Македонија Најважни

Македонски тинејџер уапсен во Црна Гора за обид за убиство – дали е дел од младите скопјани регрутирани од криминалните нарко банди во соседството

Имал 19 години, од Скопје е,  речиси една година се криел во сигурна куќа на црногорски криминален клан бидејќи по него беше распишана потерница за обид за убиство на високорангиран криминалец од ривалска нарко банда. Скопјенецот Андреј Танасковски е уапсен вчера во Никшиќ, а на полициските снимки се гледа како црногорски специјалци го носат во јавното обвинителство во Подгорица каде му беше определен краткотраен притвор.

„Осомничениот се товари дека на 7-ми август 2025-та година, во Будва се обидел да му го одземе животот на оштетениот М.Љ.К., така што од зад грб му пришол на оштетениот и од огнено оружје-пиштол, без дозвола за носење на јавно место, истрелал повеќе куршуми во правец на оштетениот на кого му нанел тешки и животозагрозувачки телесни повреди. Покрај наведеното, осомничениот се товари и за кривично дело фалсификување на лични документи“, соопштија од Вишото Јавно Обвинителство во Подгорица, Црна Гора.

Танасковски е прв македонски тинејџер уапсен во Црна Гора под сериозно обвинение за обид на убиство. Според информациите кои ги објави КОД на Телма, дваесетина млади луѓе веќе се регрутирани од српско-црногорските картели за да работат на нивна територија. Полициски извори тврдат дека станува збор за момчиња главно од Скопје, односно од Аеродром и Ѓорче Петров. 21-годишен скопјанец лани загина кога се активираше експлозив во стан во Белград.

Претставници на скопската полиција тврдат дека регрутацијата оди со помош на македонски јатаци. Се бираат млади со скромни приходи, од посиромашни семејства или со кривични досиеја. Прво ги носат во Белград, каде добиваат пари за прошетки и излегување во ноќни клубови. Потоа им се даваат криминални задачи, дилање дрога па дури и ликвидации, како во случајот во Будва, а за уапсениот тинејџер беше распишана и меѓународна потерница.

„Министерството за внатрешни работи во соработка со меѓународните партнерски служби согласно својот делокруг на надлежности ја следи безбедносната состојба и инволвираноста на наши државјани во било какви незаконски дејствија во нашата земја и околните држави и согласно своите законски овластувања презема мерки и споделува информации со цел расветлување на било каков кривично правен настан“, велат од МВР

Македонската полиција ја следи состојбата, а во март оваа година беше уапсен и српски државјанин со оружје за кого првично имаше сомнежи дека регрутира млади скопјани за криминална печалба во Белград.

Миомир Серафиновиќ

 

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Тинејџер се шетал со пиштол „Валтер“ во Скопје, полицијата го фати

Kristina Kuzmanovski

Вреди и ДУИ во клинч за Закон за правична застапеност

Kristina Kuzmanovski

Се обидел да раздели тепачка, насилниците го избоделе со нож

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе