Од ноќеска одново поскапуваат горивата и тоа бензините за 3, а дизелот за 4,5 денари. Тоа значи дека Еуросупер 95 ќе се продава по цена од 93 денари, Еуросупер 98 за 95 денари, а литар дизел ќе чини 98,5 денари.
Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика посочува деа берзанските цени на нафтата веќе се приближуваат кон зоната на неиздржливост, а тоа изнудува потреба од државна интервенција.
„Владата рече дека ќе одлучува на крајот на оваа недела бидејќи берзанските цени отидоа над 1.200 долари по тон, значи тоа е веќе во зоната на неиздржливоста, односно се приближуваме кон цената на дизелот скоро од 100 денари и мислам дека таа е бариерата и Владата мислам дека следната седница и доколку продолжи овој тренд. Меѓутоа, гледате, на дневна база се случува ова и денеска нафтата падна за 50 долари по тон. Ние правиме 15-дневна пресметка, а 15 дена ќе истечат на крајот на оваа недела според тоа ќе се одлучи и акцизите примена и дали Владата евентуално ќе донесе и некоја нова одлука за намалување на ДДВ или нешто слично“, вели Ацо Ристов, претседател на Регулаторната комисија за енергетика.
Само во последниот месец цената на брент нафтата, која има најголем удел во формирањето на малопродажните цени на горивата кај нас, се зголеми за 22 отсто. Тоа се преслика кај горивата, кои во последниот месец драстично поскапеа. Цената на бензините се зголеми за околу 10% или за вкупно 8,5 денари, додека литар дизел сега се продава за 18,5 денари поскапо од пред еден месец, што претставува поскапување од 23%.
Од Регулаторна објаснуваат дека причина за енергетската криза не е производството на нафта, туку преработката на дериватите бидејќи воените дејствија оштетија голем дел од капацитетите на рафинериите на глобално ниво.
Вчера премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата ја следи состојбата и ќе интервенира соодветно доколку има потреба. Тој одново истакна дека Македонија е држава со најевтини горива во регионот.
Мирјана Јовеска
