Сè уште е на сила забраната за употреба на водата во Крушево, откако Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Прилеп констатираше дека таа е бактериолошки неисправна. Забраната останува сè додека не пристигнат резултатите од сите три последователни контролни примероци, потврдуваат од ЦЈЗ.
Анализите на првиот и вториот контролен примерок, земени во средата и во четвртокот по воведување на забраната, покажале дека водата е исправна. Сепак, таа сè уште не смее да се користи за пиење и домашна употреба, сè додека исправноста не се потврди и со третиот примерок,а резултатите се очекуваат утре.
- „Направени се физичко-хемиски и бактериолошки анализи. Првиот и вториот контролен примерок покажаа исправност на водата во Крушево и присуство на резидуален хлор во рамки на дозволените граници. Во текот на утрешниот ден го очекуваме резултатот од анализата на третиот контролен примерок земен во петокот. Доколку и тој биде уреден, ќе ја известиме Агенцијата за храна и ветеринарство, која доколку се исполнети сите услови, ќе може да донесе решение за укинување на забраната за употреба на водата за пиење во Крушево“, вели д-р Горан Кузески, директор на ЦЈЗ Прилеп.
Водата во Крушево е забранета за пиење од четвртокот, 23 јули, кога при редовна контрола на ЦЈЗ Прилеп беше утврдено дека е бактериолошки неисправна поради присуство на фекални бактерии.
Од Центарот информираа дека епидемиолошката анкета не покажа појава на заразни заболувања поврзани со неисправноста на водата за пиење.
Причината за ваквата состојба е прекин во работата на системот за хлорирање, предизвикан од прекин во снабдувањето со електрична енергија, соопштија од ЈП „Комуна“ – Крушево.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
