„Утре, на собраниската седница, власта ќе побара од пратениците да го изгласаат ребалансот на Буџетот за 2026 година – документ со кој расходите се искачуваат на 425,2 милијарди денари, додека буџетскиот дефицит расте од 39,2 на 46,1 милијарда денари, односно на 4,1% од БДП. За покривање на дефицитот и отплата на обврските се предвидуваат 76,4 милијарди денари “ново финансирање”. Тоа значи дека речиси секој десетти денар што власта ќе го потроши е позајмен. Од вкупното финансирање, над 54 милијарди денари, или околу 71%, се врзани за странски кредитори. Само каматниот товар изнесува повеќе од еден милион евра дневно – уште пред да се отвори првиот шалтер, да започне првиот час во училиште или да биде прегледан првиот пациент, државата веќе натрупала нова милионска сметка“, стои во соопштението на Левица.
Велат дека власта истовремено ги зголемува капиталните расходи за околу 5,8 милијарди денари, иако до крајот на мај реализацијата на веќе планираните капитални инвестиции изнесувала само 38,5%. Значи, не се решава неспособноста да се реализираат постојните проекти, туку на хартија се додаваат нови милијарди за нови прес-конференции, ленти и предизборни ветувања.
Во истиот ребаланс се наоѓаат две милијарди денари за прикривање на неспособноста на вмровските градоначалници и уште 200 милиони денари за “изборна опрема”.
– Ребалансот ја открива целата филозофија на оваа власт – задолжувањето е државно, користа е партиска, а сметката е народна. Секој жител годинава се задолжува за приближно 680 ЕУР, но граѓаните нема да добијат институции посилни за 680 ЕУР, подобро здравство, подостоинствена социјална заштита или побезбедни градови. Ќе добијат камати што ќе ги плаќаат дури и генерации кои денес немаат ниту право на глас, пишува во соопштението на Левица.
