Пената исчезна, но мистеријата останува. Вардар повторно ја врати својата боја, но одговорот на прашањето што ја претвори реката во бел тепих се уште не пристигнал.
Мострите се веќе во лабораторија, а надлежните предупредуваат – прерано е да се извлекуваат заклучоци додека анализите не ја откријат вистината.
Ова не е првпат Вардар да се обои во бело. За рибарите, ова не е изненадување, туку слика што веќе ја имаат видено. Велат, со години преку рибарските здруженија испраќале пријави и апели до надлежните, предупредувајќи дека реката бара поголема грижа.
Денес, кога белата пена повторно ја вознемири јавноста, тие само велат – ова не е нов проблем, туку старо предупредување што предолго останало неслушнато.
- „Ние пријавувавме, не знам веќе што бркаме со еколошкиве здруженија некои се надеваме, не можеш не можеш нив да ги победиш никако. И со рибариве се организираме ама џабе. Не знаеме на кого да се обратиме. Не е загаден Вардар толку колку што мислат. Она е кога ќе погледнеш мислиш дека е загаден. Али храната што се прави во Вардар е многу битна за рибата. Не ова ѓубрево. Ѓубрево е за да се крие рибата, ништо друго. Значи рибата си е квалитетна и можам и да докажам тоа еве имам пример од Охридско езеро од Црни Дрим излага бистра вода, убава вода, рибата нече ни мирис, рибата нема обнова на храна. А ова во Вардар рачунај сега е мал, кога ќе дојде Вардар он како мелница чисти се. И понова храна се таложи се онади. Значи не е, не е толку загаден колку што мислат. Водата по нивно загадена е за пиење, тоа логички. Едно време сме се бањале во Вардар. А сега не можеме да влеземе во вода да се избањаме оти цел свет организираат, прават да ги чистат реките, ние ги загадуваме“ изјава Љубе Ѓоревски, жител Скопје.
Инаку вчера бела пена се влева од Лепенец во Вардар. Надлежните излегоа на терен, земаа мостри, а со дрон се бараа виновниците.
Симона Петровска
Б.С.
