По точно три месеци се укинува полицискиот час, а со слободно движење на граѓаните во ноќните часови ќе се отворат и клубовите и дискотеките, но само оние кои имаат летни тераси. Ова се новите мерки кои денеска ги предложи Комисијата за заразни болести, а кои веќе ги прифати Главниот кризен штаб, а со кои веќе ќе нема ни ограничување на бројот на гостите на свадбите и прославите. Сепак капацитетите на објектите не смеат да бидат пополнети повеќе од 50% и со максимум 1.000 луѓе.
Предлогот е мерките да почнат да важат од оваа среда, 16 јуни, за што прво ќе треба да бидат усвоени од владата. Она што не се знае е по кои протоколи ќе работат клубовите, со оглед дека нивниот принцип на работа и сместување на гостите е различен од рестораните и кафе-баровите.
Од Независната угостителска комора се задоволни од новото олеснување на мерките и тоа што ќе почнат да работат ноќните клубови, барем оние кои имаат отворен простор, сепак со резерва, бидејќи не знаат какви протоколи за работа ќе им бидат врачени. Се надеваат дека ќе бидат прифатени нивните предлози за протоколите кои и ги доставиле на Комисијата уште во септември.
„Па ние од уште тогаш им кажавме на старот, дека од бесконтактно плаќање на влезот, од контрола на температура, од соодветни т.н. надзорници кои што би го контролирале работењето – начинот на позиционирање на масите на соодветно растојание, од бројот на седење или стоење, од можноста за ѓускање, односно играње во место. Тоа значи се повеќето од работите кои што ние ги укажувавем дека треба да бидат овозможени на ноќните клубовина кои што ќе им биде овоможено работа“, вели Здравко Јосифовски, претседател на НУК.
А оти протоколите за работа не се носат во консултации со угостителите според нив покажуваат и последните протоколи донесени за свадбати, каде е забрането играње оро или одење од маса до маса, а за кои угостителите велат дека се тешко применливи и тешко дека некој може да го исконтролира.
„Тоа што беше забрането да играат оро, да играат еден до друг на подиум, тоа е тешко применливо во стварност. Не можеш да ги раздвојуваш постојано луѓето. Се работи за веселба, атмосфера, ќе се напие некој една чашка, две, повеќе и многу е тешко… Треба да имаш 20 души редари да влегуваат за да ги опоменуваат. Многу тешко и за нас из а гостите“, вели Здравко Добревски, сопственик на „Златно буре“, Кучково.
Угостителите се надеваат дека новите мерки ќе дојдат и со нов, олеснети протоколи за нивна работа, а за кои конечно ќе бидат консултирани.
„До ден денес на ниеден начин или во ниеден контакт не сме консултирани и прашани за советодавно дали протоколите и препораките што сака Комисијата за заразни болести да ги донесе, кореспондираат со потребите, односно начинот на кој може да се имплементираат во угостителските објекти“, вели Јосифовски.
Телма се обиде да добие информациија од Министерството за здравство дали се знаат протоколите по кои ќе работат клубовите и летните дискотеки, но и дали остануваат протоколите за свадбите и покрај укинувањето на ограничувањето на бројот на гости, но до сега не добивме одговор.
Тамара Грнчароска
