Вести Македонија Топ вести

Вицепремиерот за добро владеење Фетаи во Тајланд, од Владата нема одговор дали е на одмор или во службена посета

Некој на пратенички прашања, некој во Тајланд. Вицепремиерот Арбен Фетаи кој е задолжен за добро владение синоќа преку слика на социјалната мрежа „Фејсбук“ се чекираше во главниот град на Тајланд, Бангкок и ги потврди шпекулациите кои веќе извесно време кружат во јавноста – дека тој воопшто не се појавува на работното место, во кабинетот на Илинденска број 2.

Личниот живот на Фетаи, не би бил под лупата на јавноста доколку не станува збор за вицепремиер со плата од 115 илјади денари, пари собрани од данок од граѓаните, кој не оди на работа во неговото министерството за кое експертската јавност е согласна дека треба да се укине ниту пак оди на седниците на Владата.

Според јавно достапните податоци, односно записници на седници на Владата, поставени на сајтот на Владата, од почетокот на годинава одржани се 23 седници, Фетаи присуствувал на пет, а последната на која бил е 152 седница одржана пред повеќе од два месеци, на 24 февруари. Законот за работни односи не разликува „обични смртници“ од избрани и именувани функционери па за сите важи правилото ако три последователни денови не се појавиш на работното место следува отказ. Секако доколку системот за регистрација на влез и излез на вработените функционира и се користи.

Дали користи одмор или боледување? Дали е во службена посета, која е цела и во кој состав патува владината делегација? Дали редовно му се исплаќа плата и во кој износ? Кога последен пат бил на работното место?

Овие прашања се обидовме да му ги поставиме на вицепремиерот за добро владение но неговиот службен телефон беше исклучен. Истите прашања ги испративме и во Владата кои не препратија на првобитната адреса за одговори.

„Во однос на индивидуалните активности и дневни агенди на министрите, секторот за односи со јавност не води детална евиденција за приватни или работни распореди надвор од формалните институционални обврски. Секој носител на јавна функција има лична одговорност пред јавноста за и за тоа треба директно да одговори за што Ве упатуваме прашањата да ги насочите директно кон носителот на јавната функција. Она што е важно да се потенцира е дека Владата функционира како колективно тело непречено и со полн институционален капацитет. Сите одлуки се носат навремено, процесите се одвиваат без застој и нема никакво нарушување во извршувањето на владините политики“, стои во соопштението на Владата. 

Ова однесување на Фетаи трае повеќе од два месеци засега нема ниту осуда ниту санкција од неговиот шеф во Владата, премиерот Христијан Мицкоски ниту од неговите колеги министри. Тој само најави дека Фетаи ја предводи листата на министри кои ќе бидат опфатени со реконструкција на неговиот кабинет.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе