Македонската фудбалска репрезентација утре од 20:45 часот гостува кај Република Ирска во натпревар без резултатско значење. Двете селекции беа елиминирани во полуфиналниот бараж за пласман на Светското првенство, па дуелот во Даблин ќе има повеќе пријателски карактер.
Иако натпреварот нема резултатска важност, тој ќе биде вистински тест за карактерот на оваа репрезентација. Македонија одигра под очекувањата против Данска и заслужено беше поразена со 4-0 во Копенхаген. Сонот за историски пласман на Мундијалот заврши разочарувачки, а ситуацијата дополнително ја отежнаа и проблемите во тимот.
Херојот од Палермо, Александар Трајковски, вчера објави крај на репрезентативната кариера. За дуелот во Даблин, селекторот Гоце Седлоски нема да смета ниту на Бојан Миовски, откако неговиот клуб Глазгов Ренџерс побара да биде ослободен од обврските, а напаѓачот го прифати тоа и се врати во Шкотска.
За дел од останатите репрезентативци исто така имаше барања од клубовите, но тие решија да останат со националниот тим, меѓу кои и капитенот Енис Барди и Исник Алими.
Дуелот со Ирска може да помогне во надминување на разочарувањето од Копенхаген, но и да ја продлабочи кризата доколку не се оствари позитивен резултат. Очекувано, Седлоски ќе им даде шанса на фудбалерите со помала минутажа, но јасно е дека ќе бара реакција од тимот на неговиот втор натпревар на клупата.
Македонија е во серија од пет натпревари без победа. Последниот триумф го забележавме во септември, кога во Скопје убедливо го совладавме Лихтенштајн со 5-0. Тимот ќе мора да пронајде стабилност, бидејќи веќе наесен нè очекуваат сериозни предизвици во Б-дивизијата од Лигата на нации, каде за противници ќе ги имаме селекциите на Шкотска, Швајцарија и Словенија.
Фото: Фудбалска федерација на Македонија
