Рампата се крена, багерите влегоа како нем сведок на една завршена ера, дискотеките во Градскиот парк почнаа да паѓаат. Местото што со години беше симбол на ноќен живот, бучава и светла, сега се претвора во градилиште. Тука треба да никне новиот Луна парк, проект што градоначалникот Орце Ѓорѓиевски го ветуваше уште во предизборието. Според него, ова е дел од големата акција за чистење на јавниот простор, сите бесправни објекти што го блокираат движењето и го крадат просторот на граѓаните ќе бидат отстранети, за сите да уживаат во уреден, безбеден и слободен град.
„Град Скопје, во координација со Општина Карпош, денеска започна со реализација на поширока и јасно дефинирана акција за ослободување на јавниот простор во Градскиот парк, во близина на просторот каде што е предвидена изградбата на Луна паркот. Станува збор за отстранување на бесправно поставени времени објекти, во јавноста познати како дискотеките во парк, кои со години го узурпираа овој значаен јавен простор и за кои има решенија за рушење од градежната инспекција на Општина Карпош“, изјави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Советникот од СДСМ и човек кој често се поврзува со скопскиот ноќен живот, Ѓорѓи Галетановски, смета дека на Скопје му е неопходен Луна парк, но дека мора да се најде решение и за дискотеките, за да не згасне целосно ноќниот живот во градот. Тој вели дека пред повеќе од пет години, сопствениците на дискотеките добиле решенија за работа, но како што им истекувале договорите, тие не им биле продолжувани поради планираната изградба на луна паркот.
„Убаво би било градот да најде дислокација за три-четири дискотеки. Ем ќе има фер конкуренција, ем младите ќе имаат избор каде да излегуваат. Штета е, затоа што ноќниот живот нѝ е речиси на нула. Ако и летово Скопје остане без летна дискотека, ќе мора да излегуваме по други градови. Најважно е луна паркот, дај боже, да почне да се гради. Тоа е болка на сите деца. Младите генерации и не го видоа, ние бевме последните што го паметиме. Луна паркот мора да се направи, но исто така важно е да не се уништи и ноќниот живот“, вели Ѓорѓи Галетановски, советник од СДСМ во Град Скопје.
За дел од граѓаните, оваа одлука е почеток на една нова приказна за Скопје.
Дискотеките што денес се уриваат се имот на Град Скопје. Со години тие беа издавани под кирија преку трговското друштво „Луна ДООЕЛ“, фирмата што стопанисуваше со луна паркот.
Денес, и дискотеките и спомените, заминуваат во прав, а градските власти ветуваат нов почеток и нова забава, овојпат за најмладите. Луна паркот повеќе од една деценија стои празен, додека генерации деца растат без забавен парк каков што градот некогаш имаше. Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка се дел од реквизити кои треба да создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје.
Симона Петровска
