Адвокатката Сузана Јошевска Атанасовска и професорката Арлинда Кадри- Шахиновиќ се предлог за нови членови на Судскиот Совет кои претседателката Гордана Силјановска Давкова денеска ги доставила до Собранието.
Согласно законот, претседателот има право да предложи двајца членови на Судскиот Совет. Јошевска и Шахиновиќ треба да ги пополнат испразнетите места на Весна Дамева и Милјазим Мустафа чиј мандат веќе заврши.
Претседателката Силјановска најави дека своите предлози ќе ги достави откако ќе биде изгласан и ќе почне да важи новиот Закон за судски Совет. Законот беше изгласан два дена пред Нова Година, а претседателката вчера ги потпишала предлозите за нови членови на Судскиот Совет да бидат избрани Сузана Јошевска и Арлинда Кадри Шахиновиќ. Собранието треба да ги потврди предлозите на Силјановска.
Согласно законот, еден предложен кандидат мора да биде од немнозинските заедници. И двете кандидатки во своите мотивациски писма кои се дел од предлозите велат дека ќе се пборат за подобрување на состојбите во судството и за поголема доверба на граѓаните во судската власт.
Јошевска е адвокатка повеќе од две децении и е дел од јавните дебати за состојбите во правосудството. Шахиновиќ е универзитетската професорка по право на приватниот МИТ Унивезритет во Скопје и беше дел и од првата комисија за помилување на претседателката Силјановска.
