Македонските истражни органи, полицијата и обвинителство уште во декември 2022-ра знаеле и биле информирани дека спорното училиште за англиски јазици и ТОЕФЛ сертификати „Јулија“ нема канцеларии на адреса во Пловдив, во Бугарија и не постои.
Заклучокот може да се изведе од пресуда на виничкиот основен и штипскиот апелационен суд во кој за фалсификување бил обвинет директор на средно училиште во Виница. Обвинетиот Тихомир Тасев бил ослободен преклани во ноември, а на 17-ти ноември, ослободителната пресуда ја потврдил и Штипскиот Апелационен суд.
Македонските судови сметале дека нема докази за фалсификат, бидејќи сертификатот бил изваден на почеток на март 2022-ра, а бугарските полицајци не го нашле училиштето Јулија, девет месеци подоцна на лице место.
-На 05.12.2022 год. ја посетиле адресата на јазичното училиште „ЈУЛИЈА“ КО ДООЕЛ, а со цел да обават службен разговор со сопственикот и да добијат изјави во врска со случајот и дека преку увидот било констатирано дека на бараната адреса канцеларија на споменатата фирма не постои. Но, од ваквото Известување не се утврдува дали во времето кога е издаден сертификатот како и во времето кога како што е наведено во истиот обвинетиот онлајн ги посетувал курсевите, дали училиштето постоело или не, ИЗВАДОК ОД ПРЕСУДА К-27/24 НА ОСНОВЕН СУД ВИНИЦА, ДОНЕСЕНА НА 01.11.2024.
Пресудите се објавени неодамна кога стануваат правосилни, а откриено е и дека после 2017-та година, јазичното студио Јулија немало финансиски извештаи односно немало приливи, па не е јасно како македонските носители на ТОЕФЛ сертификати плаќале за услугата и кому.
Апелациониот суд во Штип сепак сметал дека и тоа не е доказ за фалсификат иако такво Уверение доставило бугарското Министерство за правда.
-За наредните години фирмата не поднесувала финансиски извештај туку декларација според која управителот давал заверена изјава дека фирмата не обавувала дејност односно не остварувала никакви приходи, ИЗВАДОК ОД ПРЕСУДА КЖ-367/24 НА АПЕЛАЦИОНЕН СУД ШТИП (17.11.2025.).
Училишниот директор Тасев го извадил сертификатот во сличен период кога и директорот на АНБ, Бојан Христовски, а и за неговиот ТОЕФЛ обвинителството тврдеше дека не најде докази за фалсификување. Но, информации за Јулија веќе со години постоеле во обвинителскиот систем на Македонија.
Миомир Серафиновиќ
