Обилните и интензивни врнежи на дожд и снег кои предизвикаа поплави и прекин во сообраќајот во повеќе држави на Балканот ќе ја одминат Македонија во периодот кој следи. Од УХМР информираат дека во наредните неколку дена ќе има врнежи на дожд и на снег на планините но со далеку помал интензитет од врнежите во Албанија и Црна Гора.
Првиот бран се очекува утре, со дожд во градовите и снег на дел од планините во западниот дел од Македонија а вториот бран ќе биде во сабота за кога од УХМР очекуваат засилени врнежи на дожд и снег на повисоките места и планините.
„Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд а на планините ќе има врнежи од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер, утре врнежите ќе преминат во снег на повисоките места и во некои од пониските места. На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка а помала покривна се очекува и на пониските места. Во петок очекуваме стабилизирање на времето. Во деновите од викендот, особено во сабота, повторно ќе имаме врнежи од дожд и снег кои наместа ќе бидат пообилни. Температурата ќе биде во опаѓање и на почетокот на следната недела ќе достигне и до минус 10 степени“
Од Македонија пат соопштија дека сите патишта во државата се проодни.
„Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози. Врнежи од снег со среден интензитет се бележат на Попова Шапка, но во моментов не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот. На одредени патни правци кои поминуваат низ усеци и клисури можна е појава на поситни одрони. ЈП Македонијапат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот, порачуваат од Македонија пат“
Во Црна Гора на сила е црвен сигнал за опасни временски услови бидејќи обилните врнежи дожд предизвикаа излевање на реката Зета и поплави во повеќе места. Најпогодени се градовите Никшиќ и Даниловград а спасувачките и општинските служби се во состојба на зголемена готовност.
Од вчера интензивни врнежи дожд има и на целата територија на соседна Албанија. Поплави има во повеќе градови и окрузи а критична е состојбата во Драч каде на улиците нивото на водата достигнува и до половина метар, поплавени се над 800 домови и досега се евакуирани речиси 200 граѓани а надлежните одлучија да ја прекинат наставата. Ризично е и кај вештачките акумулации на реката Дрим каде се отворени браните за да се спречи преливање и нови поплави.
Обилни врнежи од снег има и на повеќе места во Босна и Херцеговина како и во Хрватска каде има прекини на патничкиот и железничкиот сообраќај.
Огнен Чанчаревиќ
