Основниот суд во Кавадарци го осуди денеска 43-годишниот С.И на казна доживотен затвор за убиство на својот помлад брат, Илија Иванов.
Тој на 27-ми јули годинава го усмртил братот и тоа на неговиот роденден. Тие започнале расправа на тој ден, затоа што обвинетиот верувал дека неговиот брат сакал да го преземе целиот имот.
Воден од чувства на гнев и омраза, обвинетиот и сега веќе осуден кавадарчанец со тапиот, метален дел од тесла го удрил братот во главата а откако тој паднал, уште два пати силно го удрил, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди, соопшти обвинителството.
Откако го извршил убиството, обвинетиот си заминал а следниот ден се вратил во домот на жртвата и телото го префрлил во бањата. Следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 -ти јули до 5-ти август, кога било откриено телото, обвинетиот и во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението било поднесено на 28-ми октомври, а обвинетиот во целост го признал делото, како што било наведено во обвинителниот акт.
