Кој и колку го загадува воздухот во Скопје и во Македонија?
Кој треба да контролира и дали воопшто се контролира?
Што се гори во индустриските печки а што во домовите?
Дислокација на Усје како решение на проблемот?
Што е следниот чекор на граѓанските организации? Како до почист воздух во Македонија?
Во вечерашната Топ Тема дебатираат Дејан Мираковски, ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“, Драгана Велковска „Зелен хуман град“ и Наташа Бакреска, менаџер за животна средина во „Титан Усје“.
Менаџерката за животна средина во „Титан Усје“, Бакреска вели дека нема дилема во работење на компанија и нејзиниот начин. Таа истакна дека цементарницата во овој период работи со 50 отсто од капацитетите и дека квалитетот на воздухот и во овој период е загаден, за разлика од летниот период кога работи целосно.
„Нема дилема во нашата компанија според начинот на којшто работиме. Нема основ да се бара дислокација и нема основ да се плашат граѓаните и за сето тоа имаме докази, да го оправдаме овој став. Затоа што квалитетот на воздухот во Скопје во текот на зимските месеци е секогаш полош, иако цементарите, како и сите па и нашата во зимскиот период работи со 50 посто од капацитетот или во одредени периоди не работи и повторно во тој период имаме најлош воздух. Додека летно време кога работиме со 100 посто од капацитетот тогаш најмногу цемент се бара на пазарот, сепак граничните вредности на ПМ честичките и на другите параметри во амбиенталниот воздух се под максималното дозволеното ниво. Значи не постои корелација помеѓу работата на Титан Усје и квалитетот на амбиенталниот воздух во Скопје. Затоа не гледам дека решението за подобрување на квалитетот во град Скопје е на било кој начин дислокација цементарата или друга индустрија“, изјави Наташа Бакреска, менаџер за животна средина во „Титан Усје“, изјави Бакреска.
На ова се надоврза Драгана Велковска „Зелен хуман град“ која рече дека Бакреска манипулира со податоците, бидејќи како што вели таа во лето има топлотна инверзија која влијае и честичките не се задржуваат долго во летниот период како што е во зимата.
„Госпоѓата се обиде да манипулира со податоците. Дури 50 отсто на работа на вашата цементарницата кога имате топлотна инверзија секако дека има далеку поголемо влијание и покажување на зголемени честички од секаков вид во Скопје, во споредба кога е лето кога тие емисии не се задржуваат во скопската котлина поради самиот временски фактор. Меѓутоа тоа не е никаков доказ дека вие не загадувате. Значи единствен и мерлив доказ, дали вие загадувате или не може да биде тоа што се мери директно од вашите емисиски точки според вашата интегрирана дозвола и понатаму 24/7 континуирано и јавно да се споделува со јавноста и да немате вие можност како што се случи во 2023 година кога видовме јавни податоци од Државниот инспекторат за животна средина дека ваши извештаи беа прифаќани со дупки од податоци кои беа спротивни на правилникот за мерење на емисии. И тоа поранешниот директор на инспекторатот се обиде да го оправда и да ве извади дека вие тогаш вие печката сте ја ремонтирале, што не беше вистина, бидејќи тие во самите нивни изјави пишуваа дека беше друг датумот кога печката беше монтирана и кога не работеше. Значи единствен начин да се докаже дали индустријата загадува или не загадува е 24/7 континуиран јавен мониторинг на емисиски точки“, рече Велковска.
Т.Д.
