Без ниту еден глас против, Советот на Град Скопје попладнево го усвои Буџетот за 2026 година. Според градоначалникот Орце Ѓорѓиевски претставува буџет на одговорност, развој и иднина, со јасна визија за подобар квалитет на живот на скопјани.
„Буџетот за 2026 година е доказ дека кога има ред, визија и работа, ќе има и резултати. Сакам искрено и од срце да се заблагодарам на сите советници кои го поддржаа“, напиша скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Основниот Буџет на Град Скопје, како што вели градоначалникот, изнесува 5.201.600.000 денари, што претставува зголемување од 12,04 отсто во однос на 2025 година.
Според него, ова зголемување е резултат на засилена и одговорна наплата на приходите во период од само месец и половина, со што на крајот на годината се очекува пренесен вишок од над 400 милиони денари.
„Дополнително, обезбедени се 260 милиони денари преку спогодба со Министерството за образование и наука и одлука на Владата на Македонија за студентски превоз за заостанатите години. Капиталните инвестиции во основниот Буџет изнесуваат 1.787.000.000 денари, или 34,4 отсто од вкупниот буџет. За споредба, во 2025 година капиталните инвестиции изнесувале 1.344.160.000 денари, односно 28,9 отсто“, напиша Ѓорѓиевски.
Усвоениот Буџет, како што вели Ѓорѓиевски, ќе значи повеќе инфраструктурни зафати. Посочи дека сериозно ќе се зајакне противпожарната заштита, предвидена е силна поддршка за културата, изградба на Луна Парк, кој ќе биде завршен во текот на 2027 година, како и инвестиции од 90 милиони денари за детски катчиња, игралишта, фитнес справи, урбана опрема, паркови и пешачки патеки.
Ѓорѓиевски додаде дека ќе се инвестира во јавното зеленило со 210 милиони денари, со 40 милиони денари ќе се набават нови канти и контејнери, како и нови возила за комунална хигиена во износ од 24,2 милиони денари.
Скопскиот градоначалник посочува дека се обезбедени 130 милиони денари за експропријација со цел забрзување на реализацијата на булеварските решенија, како и дополнителни средства за тековно одржување, сообраќајна сигнализација, безбедност во сообраќајот и подготовка на нови сообраќајни проекти во соработка со УНДП.
