Во фаза на потврда сме на три многу важни странски инвестиции – германска, грчка и турска, со вредност од околу 110 до 120 милиони евра што ќе донесат повеќе од 1.500 нови вработувања, информираше попладнево премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратенички прашања во Собранието.
„Веќе сме во фаза на потврда и конфирмација на три многу важни странски инвестиции. Едната е во делот на автомобилската индустрија – турска, едната е во делот на индустријата на високи технологии – германска и едната е во делот на фармацијата – грчка“, појасни премиерот и додаде дека треба периодот што следува да бидат објавени.
За едната рече дека ќе биде во зоната во Тетово, а другите две во скопската зона. Премиерот рече дека очекуваат ногу скоро да има и втора фаза на овие инвестиции. Некои од постојните, како што нагласи тој, ги прошируваат нивните инвестициски капацитети, а уште со десет други се преговарало.
„Еден жесток инвестициски циклус што нас ни е битен поради намалување на невработеноста“, потенцираше Мицкоски пред пратениците.
Тој упати порака до иселениците кои се родум од нашата земја, да се вратат дома.
