Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во финансиското работење на Фондот за иновации и технолошки развој за 2024 година. Ревизијата покажува дека ФИТР нема воспоставено централизирана база за следење на доделената финансиска поддршка, ниту систем за евалуација на резултатите од завршените проекти.
На крајот на годината, фондот пријави и неподмирени обврски од речиси 13,9 милиони евра, а дел од обврските не биле навремено евидентирани. Освен финансиските неправилности, ревизијата укажа и на слабости во управувањето со јавните повици и распределбата на стручни лица за евалуација на проекти.
Дел од вработените и членови на управниот одбор не потпишувале изјави за судир на интереси, а изборот на евалуатори не бил во согласност со законските и подзаконските акти. Исто така, дел од проектите не оствариле приходи, додека средствата на ФИТР не биле распределени ефикасно и транспарентно.
Со донесувањето на Законот за иновациската дејност, научно-технолошки развој и претприемништво во јули 2025 година, ФИТР престанува да постои, а неговите функции ги презема новооснованата Агенција за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво.
Т.Д.
