Петмина тетовци повеќе од година дена му давале наркотици на 15-годишно малолетно девојче, а потоа го принудувале и злоупотребувале за проституција. Едниот од петте осомничени стапил во емотивна врска со малолетното девојче на кое континуирано и давал психотропни супстанци, со што таа ја изгубила менталната и физичка способност.
„Првоосомничениот од есента 2023 година до крајот на 2024 година, во Тетово, откако започнал емотивна врска со тогаш 15-годишната жртва, ја злоупотребил положбата на љубовен партнер и континуирано манипулирајќи со неа и искористувајќи ја довербата што жртвата му ја укажала, ја довел во состојба на зависност. Користејќи различни форми на принуда ѝ овозможил на жртвата да конзумира психотропни супстанции, со што ја доведувал во состојба на физичка или ментална неспособност, воспоставувајќи контрола врз неа“, соопштуваат од Обвинителството.
Според надлежните, потоа првообвинетиот за пари го принудувал малолетното девојче на сексуални односи со другите четворица осомничени кои можеле да го пријават девојчето дека е жртва на трговија со луѓе, сепак не го сториле тоа.
„Лишувајќи ја од способност самостојно да донесува одлуки, (првоосомничениот) го вовлекол детето-жртва во состојба на сексуална експлоатација. Заради остварување имотна корист, ја подведувал жртвата да дава сексуални услуги, а на останатите осомничени и други неидентификувани лица им овозможил да користат сексуални услуги од детето-жртва, кои иако знаеле и биле должни и можеле да знаат дека е жртва на трговија со луѓе, сепак ги користеле сексуалните услуги и му плаќале на осомничениот директно или преку детето-жртва“, се додава во соопштението.
Т.Д.
