Вести Македонија Најважни

ЕК ја стопира исплата на 2,9 милиони евра за ИПАРД 3 во Македонија

ЕК потврди за Телма дека е стопирана исплатата на средствата од третата транша од ИПАРД 3 програмата во Македонија поради истрагата и апсењето на поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Илија Стоилев под сомнежи за мито. Владата на 29 октомври побарала од ЕК да и биде исплатена сума од 2,9 милиони евра.

„Во сегашните околности, како стандардна превентивна мерка за заштита на буџетот на Европската Унија, Комисијата одлучи да го прекине рокот за плаќање за декларацијата за расходите за третиот квартал од 2025 година во рамките на програмата ИПАРД III. Оваа превентивна мерка ги надополнува мерките што веќе ги презеде Националниот службеник за авторизација, при што обете придонесуваат за обезбедување заштита на финансиските интереси на ЕУ“, одговорија од ЕК за Телма.

Од Министерството за финансии официјално известување од ЕК се уште не добиле и потврдуваат дека ги побарале парите кои веќе им ги исплатиле на земјоделците.

„На 29 октомври се сертифицирани и побарани 2,9 милиони евра кои се однесуваат на веќе исплатени 109 земјоделски корисници во третиот квартал од оваа година и ЕУ има рок до крајот на јануари 2026 година да ни ги исплати овие средства“, соопштија од Министерството за финансии. 

Во текот на годинава исплатени се 7,2 милиони евра, а од страна на ЕК се добиени  4 милиони и 140 илајди евра. Додека пак 15 корисници кои требало до крајот на годината да добијат 400 илјади евра ќе почекаат исплата. Кога ќе биде повлечена суспензијата од Националниот координатор за авторизација тогаш ќе ги добијат парите.

Според процедурите средствата за ИПАРД програмата ЕК ги префрлува парите на сметка на земјава квартално по претходно поднесени барања согласно реализираните проекти. Со прекинувањето на последната транша прашање е кога државата ќе ги добие парите и кога ќе продолжи исплатата и за останатите средства предвидени за ИПАРД 3 програмата.

„Бидејќи се справуваме со парите на даночните обврзници на ЕУ, очекуваме властите на Република Северна Македонија да продолжат да го сфаќаат ова прашање многу сериозно. Комисијата е подготвена да продолжи да ги поддржува земјоделците, земјоделско-прехранбениот сектор и руралните области на Северна Македонија во иднина, под услов финансиските интереси на Европската Унија да бидат соодветно заштитени“, додадоа од ЕК за Телма. 

Периодот за имплементација на ИПАРД 3 е започнат од 2023 година, а треба да трае до 2027 година. Досега се затворени 5 повици вредни 65 милиони евра. Исплатени се само приближно 11 милиони евра. Вкупно 24 барања со поддршка од 7,4 милиони евра се обработуваат.  Но, годинава се потпишани и други договори. Најголемиот е со фирма за проработка на овошје и зеленучк од 3 милиони евра. Пола пари еден и пол милиони евра ќе треба да ги добие од ИПАРД 3 програмата. Вкупно договорите изнесуваат речиси 14 милиони евра.

Марија Митевска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Над 13 милиони евра заработка од приватно сместување – УЈП наплатила повеќе од милион евра данок

Tea Dimkovska

Законот за правична застапеност на јавна расправа – за аналитичарите подобар од балансерот

Tea Dimkovska

Јакимовски бара да ја добие пресудата, но и одложување на рокот за да се јави во затвор

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе