Амбасадорката Анџела Агелер е меѓу 30-мината амбасадори кои се отповикани од администрацијата на претседателот на САД, Доналд Трамп. Веста ја потврдија од американската амбасада во земјава кои ѝ се заблагодарија за нејзината работа.
„Можеме да потврдиме дека амбасадорката Агелер е меѓу оние кои се отповикани, како дел од неодамнешната одлука што влијае на околу 30 амбасадори на САД. Длабоко сме ѝ благодарни на амбасадорката Агелер за нејзината служба во Северна Македонија во изминатите три години и сме посветени на обезбедување непречена и влијателна транзиција што ќе им даде приоритет на мисијата на САД и нашите дипломатски односи. Амбасадата ќе продолжи да работи нормално во текот на овој процес“, изјавија од амбасадата на САД во Македонија.
Од амбасадата не одговорија кога може да се очекува да пристигне нов амбасадор во земјава. Амбасадорката Агелер е на функцијата од август во 2022 година.
Се очекува да бидат сменети амбасадорите во 30-тина држави низ целиот свет. Во Европа оваа одлука ќе се однесува и на Ерменија, на Словачка и на Црна Гора. Најмногу амбасадори ќе бидат сменети во Африка, дури во 13 земји, додека смени ќе има и во азиско-пацифичкиот регион, на Блискиот Исток и во Јужна Америка.
Сите на кои им се подготвува смена, ги презедоа своите функции во времето на администрацијата на Џо Бајден, но ја преживеаја почетната чистка во првите месеци од вториот мандат на Трамп. „Политико“ цитира изјава од претставник на синдикатот на дипломати, кој тврди дека на амбасадорите не им била кажана причината за отповикувањето, туку само телефонски им било кажано дека мора да си заминат до 15 или 16 јануари.
Тие нема да ги изгубат своите работни места во надворешната служба, туку ќе се вратат во Вашингтон за други задачи доколку сакаат да ги вршат.
Далиборка Демјанска Цветановска
